Инцидент во Демир Хисар / Фото: скриншот

Владата што урива рекорди го урна и рекордот на партиски вработувања

Деаноски, за „Слободен печат“ вели дека немаат нови бројки за бројот на огласи за вработување, но според неговите процени, до распишувањето на изборите бројката сигурно надминала 1.000. Сите до еден се партиски и ваква бројка не се памети досега, вели претседателот на Синдикатот на УПОЗ

Партиските вработувања во државните институции кулминираа во петокот вечерта, кога еден ден пред распишувањето на локалните избори, од Демир Хисар стигнаа драматични снимки и барања од началникот на ОВР Демир Хисар директорката на средното училиште да се носи со носилка на информативен разговор во полицијата, иако е на боледување.

Оттаму стасаа обвинувања дека полицајците ги барале печатите од училиштето за да може на функција да стапи новата директорка на училиштето, која била назначена од градоначалникот на Демир Хисар пред распишувањето на изборите.

Началникот е суспендиран, а директорката денеска со својот адвокат ќе оди на информативен разговор во полицијата. Смената пред избори не успеа!

Брзањето да се стаса пред распишувањето на локалните избори е поради вработувањата во државните институции, кои откако ќе се распишат изборите се забранети. Во изминативе месеци наголемо се објавуваа огласи. Се вработуваше по болници, училишта, во Министерството за односни меѓу заедниците, Министерството за економија и труд, Министерството за енергетика, за европски прашања, во општините, јавните претпријатија… На неопределено и определено време, се бараа помлади постари соработници за плати од околу 30 илјади денари.

Во Агенцијата за администрација вработените беа под голем притисок

Пред околу еден месец, Синдикатот на УПОЗ излезе со бројка дека имало дури 730 објавени огласи за вработување, нешто што никогаш не се случило во историјата. Претседателот на Синдикатот, Трпе Деаноски, во изјава за „Слободен печат“ вели дека немаат нови бројки за објавување огласи за вработување, но според неговите процени, до распишувањето на изборите, бројката сигурно надминала 1.000 и револтирано вели дека сите до еден се партиски.

– Секогаш има вработувања, секогаш има огласи, тоа да биде јасно. Секогаш има потреба од нови вработени, бидејќи има многу институции каде што никој не се вработува и никој не сака да работи поради ниски плати. Меѓутоа, ваков наплив на вработувања, рокови и притисоци да се завршат овие вработувања немало. Се брзаше и се правеше сè само да се вработат тие луѓе пред да се распишат изборите, бидејќи откако ќе се распишат избори, не смее да има вработувања. Во исто време, и премиерот и министерот за администрација кажуваа дека 30 отсто од оние што биле вработени – не работат, дека не извршуваат работни задачи, дека многу малку работеле, а од друга страна на мала врата се вработуваат повеќе од 1.000 луѓе – вели Деаноски.

Тој иронично забележува дека „сигурно сите овие луѓе се вработуваат по т.н. мерит-систем, дека имаат соодветно образование и никој не е на некого старосват или кум, како што велеше премиерот Христијан Мицкоски“.

– Сите овие се партиски вработувања што се туркаат да бидат вработени пред избори, а за жал оние луѓе што извршуваат редовни работни задачи во сите институции на јавен сектор ниту добија унапредување ниту ќе добијат – вели Деаноски.

Всушност, Синдикатот реагираше на притисокот под кој се доведоа вработените во Агенцијата за администрација, односно во Секторот за селекција на кандидати за вработување.

– Со години наназад пред распишување на сите досегашни избори, а и оваа година, за да се завршат огласите пред да се распишат локалните избори, вработените од Секторот за селекција во Агенцијата за администрација работат под исклучително голем притисок, кој произлегува од спроведувањето на постапките во многу кратки рокови, што директно влијае врз нивното ментално и физичко здравје, како и попречување на нивното нормално функционирање надвор од работното време. Поразителен е фактот дека речиси 80 отсто од вработените во Агенцијата за администрација имаат пониска плата од просечната плата на државата, како и фактот дека одливот на вработени се зголемува секоја година. За разлика од другите институции, во Агенцијата за администрација не се одобруваат средства за унапредувања и нови вработувања, а вработените во Агенцијата за администрација се потценети и преоптоварени, исцрпени, со преголем обем на работа – реагираше Синдикатот на 10 јули и најавуваа прекин на работата.

Но, откако се распишаа изборите, Деаноски вели дека вработените во Агенцијата не добиле никакви додатоци, единствено покажале кратка граѓанска непослушност, не работеле, но биле приморале да се вратат на работа додека не се распишат изборите.

– Тоа се 13 вработени што ги работат сите огласи. Тие може да кажат колку остануваат на работа, до колку саат сабајле, како и зошто се објавуваат – вели Деаноски.

Мицкоски: За Демир Хисар треба да се зборува за директорката, а не за началникот на МВР

 

Премиерот Христијан Мицкоски не одговори конкретно за партиски вработувања пред избори и се задржа само на случајот со директорката од Демир Хисар. Тој вели дека за началникот веќе се преземени потребните мерки, но повика да се дискутира за директорката, а не за началникот, бидејќи Државниот просветен инспекторат за неа констатирал големи неправилности.

– Тој случај лично го следев деновиве, одблиску. МВР реагираше, началникот е суспендиран, сменет, и тоа е тоа што може да го констатира внатрешната истрага. Нема да има повластени, не е СДСМ или ДУИ. ВМРО-ДПМНЕ е на страната на граѓаните. Вториот дел од вистината е работењето на директорката, кај која Државниот просветен инспекторат констатирал големи неправилности, финансиски и од друг тип.

И тоа е причината зошто таа добива решение да биде променета, зошто ги снемува печатите по нејзината смена – рече Мицкоски и повика да се отвори дискусија за исчезнувањето на печатите и друг тип документи од училиштето.

На почетокот на јули министерот за администрација Горан Минчев се пофали дека усвоените реформски закони, Законот за административни службеници, Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници ќе значат крај за партиските вработувања, клиентелизмот и формалните реформи што со години служеле како параван за нефункционалност.

Овие локални избори најверојатно ќе поминат и без избор на нова претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, како и без народен правобранител. Всушност, Собранието чека мислење од ДКСК дали ќе дозволат избор на нова претседателка на ова тело што треба да го следи изборниот процес, откако претходната си поднесе оставка под притисок на јавноста, бидејќи е осомничена за две кривични дела.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот