Државата ќе му помогне на фармерот од Костурино што остана без стадо
Претседателот на Сојузот на одгледувачи на овци, Насер Џемаили, ги повика сточарите да покажат солидарност и да му помогнат на Никола со една-две овци или колку што можат.
Фармерот Никола Колев од струмичкото село Костурино, кој во поплавите што се случија во понеделникот загуби 56 овци и повеќе од 120 јагниња, ќе биде обесштетен, соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, кој денеска ја посети неговата фарма.
Препорачано
Министерот информираше дека Општина Струмица на вчерашната седница на Советот формирала комисија за процена на штетите од невремето, во која се вклучени и претставници на Министерството за земјоделство.
Комисијата ќе изврши процена на штетата на имотот на фармерот, по што, согласно законската процедура, Владата ќе обезбеди обесштетување.
Трипуновски најави и дополнителна поддршка, посочувајќи дека членовите на Сојузот на одгледувачи на овци, во рамките на своите можности, ќе му помогнат на Никола со жива стока за да може да продолжи со одгледување овци. Во тек се и разговори со општествено одговорни компании од регионот за донација на градежни материјали, со цел изградба на нова штала во која ќе бидат сместени преживеаните и новодобиените овци.
ВИДЕО | Разјарената Тркања однесе стадо: 100 овци и 120 јагниња се удавија во Струмичко
Како што додаде министерот, комуналното претпријатие ќе преземе активности за чистење на дел од каналската мрежа, со цел да се спречат идни поплавувања од реката Тркања во овој дел од општината.
Претседателот на Сојузот на одгледувачи на овци, Насер Џемаили, упати апел до сточарите низ државата да покажат солидарност и, доколку се во можност, да му помогнат на Никола со една или повеќе овци.
Сопственикот на фармата, Никола Колев, изјави дека освен стадото, сериозно е оштетена и шталата, а сточарството му е единствен извор на егзистенција.
— Успеавме да спасиме само околу 40 овци. Од ова живееме — рече тој.
Покрај бачилото во Костурино, обилниот дожд во Струмичко предизвика и излевање на реката Тркања, при што биле поплавени земјоделски површини и дворови во селата Муртино и Сачево.


