Фото: „Струмица денес“

ВИДЕО | Разјарената Тркања однесе стадо: 100 овци и 120 јагниња се удавија во Струмичко

Наглото надоаѓање на реката Тркања вчера попладне однело 120 јагниња и околу 100 овци од шталата на сточар во селото Костурино, на локацијата позната како „Шепово“.

Како што раскажуваат сопствениците, сè се случило за помалку од десет минути. Водата со голема сила носела сè што ѝ се нашло на патот.

Сточарот раскажува дека надојдената вода достигнала височина од два метра, што ги спречило него и брат му да ја отворат шталата и да ги спасат животните, додавајќи дека во еден момент постоела опасност и него и братот да ги повлече надојдената вода.

Тој денеска ја пријавил настанатата штета во Општина Струмица, а загинувањето на добитокот го пријавил и кај надлежните институции, кои во наредните денови треба да излезат на терен и да ја проценат висината на материјалната штета.

Од Регионалниот центар за управување со кризи во Струмица информираат дека е евидентирано поплавување на дел од земјоделски површини и неколку дворови во селата Муртино и Сачево.

Според нивните информации, водостојот на реките постепено се стабилизира, особено на реката Тркања, која вчера се излеала пред влезот во Струмица. Во меѓувреме, екипи на ЈП „Плаваја“ од Радовиш интервенираат на мостот на истоимената река меѓу селата Јаргулица и Покрајчево, каде што сообраќајот се одвива под посебен режим.

ВИДЕО | Шлепер излета од пат во Струмичко

Во општина Валандово, Калковската река се излеала преку регионалниот пат Валандово–Удово, но со ангажирање механизација состојбата се санира.

„Ангажирана е механизација од комуналните претпријатија за расчистување на критичните точки, а на одредени места се поставуваат и вреќи со песок“, соопштија од Регионалниот ЦУК во Струмица.

 

 

Според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи, заклучно со утринските мерења, во Струмица наврнале околу 20 литри дожд на квадратен метар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот