Владата ги разреши директорите на „Колска“ – зеле државна помош, а не покажале резултати
Владата на Република Северна Македонија, на денешната, 90-та седница, ги разреши управителот и членовите на Надзорниот одбор на фабриката за шински возила „Велес”, ДООЕЛ – Велес (во јавноста позната под називот Колска).
Препорачано
„На седницата е констатирано дека раководството на фабриката покажало негативни финансиски резултати во работењето и покрај тоа што на овој субјект е доделена финансиска поддршка од страна на Владата“, се вели во владиното соопштение.
Вработените од фабриката „Колска” два дена протестираа, а денеска дојдоа и пред Владата, барајќи да се одблокира сметката на компанијата поради заостанат долг од околу 650 илјади евра направен за периодот од 2013 до 2017 година.
Сега разрешениот директор на „Колска”, Мите Јанков, вчера изјави дека бараат од УЈП итно одблокирање на сметката за да можат да набават репроматеријали и да можат да платат струја и други комунални трошоци.
-Во периодот од 2013 до 2017 година поранешното раководство на „Колска” воопшто не плаќале ДДВ поради што направиле долг од околу 650 илјади евра. УЈП бара од „Колска” тој долг законски да се плати во рок од три години по 20 илјади евра месечно. Ние тој долг не можеме да го платиме со овој број на 70 вработени што останаа на работа. Можеме да си го платиме само за тековниот месец, односно онаа работа што сега ја работиме, само за неа можеме да платиме ДДВ, изјави Јанков.


