Вкусови кои ќе ве фрлат во деликатесен транс: Оригинални македонски рецепти за зимница прочуени во целиот свет!

Фото: Profimedia

Пазарите изобилуваат со колоритен сезонски зеленчук, понудата е разновидна, па секоја домаќинка со задоволство ќе ја приготви уникатната и надалеку прочуена македонска зимница.

Кога се во прашање македонските специјалитети – на ризницата на мириси и вкусови на традиционалната домашна зимница едноставно е тешко да се одолее. Тука е неприкосновениот „крал“ на зимницата – ајварот, необичниот, но единствен вкус на пинџурот, шареноликата кисела салата со разнобоен зеленчук, како и малите корнишони наредени во тегла кои едноставно ве повикуваат да ги вкусите.

За да заштедите за зимата и да имате залихи на вкусни и здрави оброци, подгответе ја навреме зимницата. Пазарите изобилуваат со колоритен сезонски зеленчук, понудата е разновидна, па секоја домаќинка со задоволство ќе ја приготви уникатната и надалеку прочуена македонска зимница. И уште поважно, целото семејство ќе ужива во нејзиниот вкус во текот на целата зима.

Ајвар

Со оглед на тоа што околу состојките и домашниот рецепт за ајварот се водат бројни дебати, ви донесуваме оригинален македонски рецепт за најдобар домашен ајвар, кој со децении го приготвуваат нашите баби и мајки и го пренесуваат од колено на колено.

Состојки:

10 кг црвени пиперки
3 големи модри патлиџани
5 дцл масло
сол по желба
1 голема лажица шеќер

Подготовка:
Пиперките прво добро измијте ги и исчистете ги од семето. Пиперките испечете ги во печка, па веднаш по печењето ставајте ги во пластични ќеси на неколку минути за да омекнат што ќе го олесни лупењето на лушпите. Кога малку ќе се излади, секоја пиперка излупете ја, па наредете ги во голема цедалка или мрежаста компактна подлога поткрената од површината за да може што подобро да се исцедат (околу 3 часа се потребни за цедењето).
Патлиџаните печете ги во рерна, потоа на еднаков начин како пиперките задржете ги кратко во ќесе, а потоа излупете ги, па оставете ги да се исцедат. Исцедените пиперки и патлиџанот измелете го на рачна машина за мелење месо, па сето тоа префрлете го во голем лонец и ставете го на тивок оган.
Во текот на пржењето на смесата потребно е непрекинато да мешате, а масло постепено да долевате по 1 дцл на секои 20 минунти, мешајќи непрекинато, бидејќи маслото не смее да избие на површината. Начинот на кој најлесно да проверите дали ајварот е готов е да поминете со дрвената лажица по дното на лонецот после што треба да се создаде пат од лажицата, односно да се види дното на лонецот.

Солта и шеќерот додадете ги при самиот крај, односно во последните 20 минути од варењето.
Во меѓувреме, додека ајварот се пржи, потребно е да ги подготвите теглите. Чистите тегли загрејте ги во печка на 50 степени и во нив ставете го ајварот додека сè уште е топол. На вратот на секоја наполнета тегла ставете малку масло и затворете со капак, па ставете ги во кутија и прекријте ги со чаршаф или со ќебе.

Оставете ги покриените тегли постепено да се ладат 24 часа, па потоа складирајте ги на ладно и мрачно место.

Пинџур

Пинџурот е зимница од модар патлиџан, пиперки и домати кој лесно, брзо и едноствно се прави, а не постои човек на којшто не му се допаѓа.

Состојки:

  • 3 кг месести црвени пиперки
  • 250 гр лути пиперки
  • 150 гр лук
  • 1,5 кг модри патлиџани
  • 1,5 кг домати
  • 1 лажица шеќер
  • 1 лажица сол
  • 2 дл масло.

Подготовка:

Пиперките, модриот патлиџан и доматите испечете ги, излупете и мелете на машина за месо. Лутите пиперки само благо испечете ги. Во тенџере ставете масло да се загрее, додадете ја измелената смеса и пржете додека не испари целата течност, па додадете шеќер, сол, ситно исечен лук.

Пржете уште 10-15 минути. Додадете ги печените лути пиперки, лесно измешајте за да не се распаднат. Теглите треба да бидат топли, сипете го пинџурот до врвот на теглата. Веднаш затворете ги со капакот и превртете ги теглите наопаку. Оставете ги така додека не се изладат.

Шарена тегла

Овој рецепт може да има многу варијации – сѐ зависи од тоа кој зеленчук најмногу ви се допаѓа во кисела верзија. Ви донесуваме еден проверен – од моркови, карфиол и пиперки, а можете да додадете и рендана зелка, корнишони, млад кромид…

Состојки:

  • морков
  • карфиол
  • црвена пиперка
  • лук
  • оцет
  • масло

Подготовка:

Свежиот зеленчук исечете го на парчиња со саканата големина, потоа сипете малку масло и малку повеќе оцет. На секој ред додавајте малку сечкан лук и магдонос и оставете да стои на ладно и суво место, за да се поврзат вкусовите.

Ловечка салата

Состојки:

  • 1 л сок (пире) од домати
  • 2 кг црвени пиперки
  • 500 гр кромид
  • 500 гр морков
  • 100 гр сол
  • 100 гр шеќер
  • 100 мл јаболков оцет
  • 100 мл масло
  • 2 лажици сушен лист од магдонос
  • ловоров лист
  • по желба 6 чешниња лук
  • ќесичка конзерванси

Подготовка:

Измелете го кромидот и додадете го во сокот (пирето) од домати. Варете половина час на среден оган. За тоа време, исчистете ја и исечете ја пиперката на коцки, а морковот на кругови. Подгответе го и лукот и него измелете го.

По половина час варење на доматите и кромидот, додадете ги сечканите пиперки, морковот, лукот, ловоровиот лист и сето тоа прелијте го со маслото, оцетот, солта и шеќерот. Промешајте па оставете да се вари помеѓу 90 и 120 минути, во зависност од тоа колку течност има, колку е сочна пиперката, како и јачината на шпоретот.

По час и половина, проверете ја густината, дополнително ќе се згусне кога ќе се излади. Густината треба да биде нешто како за ајвар. Ловоровиот лист може да се извади. Тргнете го од оган, додадете лист магдонос и конзерванс, промешајте и оставете 10 минути да отстои. Од оваа мерка се добиваат пет големи тегли и една мала.

Наредете ги теглите на плех, вклучете ја рерната на 60 степени и загрејте ги теглите. Во загреаните тегли сипете малку салата, во секоја по малку, па така и дополнувајте до крај. Покријте со целофан, ставете ластик и потоа капакот. Оставете таму каде што обично ја чувате другата зимница.

Видео на денот