Вкусни приказни со Кристина Колевски: Велигденски путер колачиња
Во време кога сите брзаме и често готвиме „набрзина“, убаво е да се потсетиме дека подготовката на храната може да биде и вистинско уживање.
Препорачано
Токму така готви и Кристина Колевски од Битола – со вистински мерак и љубов кон целиот процес. Преку својот инстаграм-профил @solenoblagiprikazni, таа веќе подолго време ги инспирира луѓето да влезат во кујна, да си дадат време и да зготват нешто вкусно.
Денеска таа ни го претставува својот рецепт за велигденски путер колачиња.

Потребни состојки
- 150 гр путер
- 1 јајце + 1 жолчка
- 100 гр шеќер во прав
- 1 пакетче ванилин шеќер
- 270 гр брашно
Кралска глазура:
- 1 белка
- 150-180 гр шеќер во прав
- 3-4 капки лимонов сок
Подготовка
Изматете го путерот (на собна температура) со миксер, постепено додадете го шеќерот, ванилата, јајцето и жолчката. Потоа додадете го брашното и замесете тесто. Ставете го тестото во фрижидер, да отстои околу 30 минути. Потоа врз набрашнета површина извлечете кора, не многу тенка, и вадете форми по желба. Готовите колачи ставете ги во плех врз хартија за печење. Печете на 180 степени, 10 до 15 минути, во зависност од рерната. Откако ќе се испечат, оставете ги убаво да оладат, а потоа украсете со кралска глазура.
За кралската глазура – изматете ја белката со миксер постепено додавајте од шеќерот и капките лимон. Може да додадете боја по желба.
Уживајте!


