Вкупно 39 полицајци погрешно постапиле во случаите каде Стојанче Јовановски ја тепал Ивана
Вкупно 39 припадници на Министерството за внатрешни работи погрешно постапиле во случаите каде Стојанче Јовановски, сега обвинет за наведување на самоубиство на Ивана, го пријавувала својот сопруг дека ја тепа. Од МВР за „Слободен печат“ велат дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди утврдил пропусти во постапувањето на 39 свои полициски службеници кои постапувале по пријавите за семејно насилство во конкретниот случај.
Препорачано
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди достави известување до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. За сите дополнителни информации обратете се во надлежното обвинителство, изјавија од МВР за „Слободен печат“.
Од ОЈО КОКК потврдија дека известувањето од МВР за полициските службеници вчера им било доставено и дека истото ќе биде дадено на постапување на јавен обвинител.
„Известувањето за кое покажувате интерес е доставено до ОЈО ГОКК во текот на вчерашниот ден и истото ќе биде дадено на постапување на јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција“ соопштија од ОЈО ГОКК.
Јовановски многу пати бил пријавуван од својата сопруга и од нејзини блиски дека е насилен и агресивен, а не изостанувале ниту пријавите од соседите, но и од случајни минувачи на јавен простор. Како што објави „Слободен печат“, Јовановски на 19 декември 2025 година ја тепал Ивана пред шестгодишната Катја во паркот во скопската населба Ѓорче Петров, а грозната сцена ја посведочила и пријавила Ивана Белчева. Но, на МВР му требале 45 дена да испрати известување до Центарот за социјални работи Скопје дека имало „прекршок на јавниот ред и мир“. Семејното насилство најверојатно не го регистрирале, иако можеле да го заведат делото и под „загрозување на сигурноста“ што се гони по службена должност.
Чудно полицијата постапила и на 19 јануари 2026 година, еден месец по тепањето на Ивана во паркот во Ѓорче Петров. Имено, на 19 јануари 2026 година таа била хоспитализирана на Клиниката за дигестивна хирургија во Скопје, а Стојанче дошол со шестгодишната Катја да ја посети. Но, посетата ја искористил за она што многу пати претходно го правел – да ја тепа, понижува и психички да ја торментира својата сопруга во јавна здравствена установа. Ја турнал по скалите Ивана, среде болница, а самата Катја тоа го посведочила пред вработените. Од падот и тркалањето по скалите Ивана паднала во бессознание. Никогаш не се обелодени што направила полицијата во овој случај и како го затворила случајот, но внатрешната контрола утврди дека има пропусти во работењето на полицајците и во овој случај. Јасно е само, дека откако ја турнал Ивана, Стојанче си заминал од болницата со детето во раце, односно избегал.
Чудно постапување на полицијата имаше и на денот на самото самоубиство на Ивана со пад од тераса во скопската населба Тафталиџе, заедно со шестгодишната ќерка Катја. Имено, тој ден таа го пријавила Стојанче дека ја тепа на локации кои се јавни и регистрирани на камерите на „Сејф Сити“ – во близина на скопскиот Кривичен суд. Но, полицајците не го гонеле по службена должност, иако Ивана имала телесни повреди и иако само еден месец претходно беа донесени измените на Кривичниот законик што им дадоа овластување на полициските службеници да го гонат семејниот насилник и без согласност на жртвата ако таа има телесни повреди. Ивана имала телесни повреди на 2 март, но Стојанче не беше гонет по службена должност.
Судењето против Стојанче Јовановски продолжува утре, на 1 април. Тој е обвинет за наведување на самоубиство на својата сопруга Ивана која се обидувала да се разведе од него, но и за делата „телесна повреда“ и „загрозување на сигурноста“. Тој на вчерашното прво рочиште призна вина за нанесувањето телесни повреди и за загрозување на сигурноста, ама потоа кога судијата Ивица Стефановски го праша дали признанието го дава доброволно, Јовановски се пишмани – рече дека сведокот Мартин Саздов го натерал да ги признае делата. Судот, по ваквиот исказ согласно Законот за кривична постапка не го прифати „признанието“, ценејќи дека е дадено под присила, а не доброволно како што би морало да биде дадено. Јовановски на рочиштето рече дека „сведокот Мартин Саздов бил во врска со Ивана и тој ја наведувал да се самоубие“.
Јавната обвинителка што го застапува обвинението против Јовановски, Адела Бојчевиќ, вели дека тие околности не постојат, за нив немало никаков сомнеж и дека самото сведочење на мајката на Ивана укажува како Стојанче се однесувал со неа.
Мајката на починатата Ивана и баба на починатата Катја, Љубица Стојановска, вчера во судот сведочеше како сурово и нечовечки Стојанче се однесувал кон Ивана.
Постапи ли училиштето „Песталоци“ со должно внимание кон тоа што го помина Катја?
Според нејзиниот исказ, тој дури и минатото лето, некаде во август или почетокот на септември, ги истепал Ивана и Катја на автопатот кај Штип, бидејќи се изнервирал што Ивана ја згрешила клучката и го погрешила патот. Во еден часот по полноќ ги оставил својата сопруга и малолетното дете на автопат и си заминал за Скопје.
-Катја ги користеше зборовите „ку**о“, „ку**иште“, „дро*о“. Затоа што Стојанче ги користел кон Ивана. Ми кажуваше Катја, „бабо, јас ќе ти кажам, ама да не кажуваш на никого, мама чучна долу и тато ја шутираше“, сведочечше мајката на Ивана.
Сведочи мајката на Ивана: „Бабо, јас ќе ти кажам, мама чучна долу и тато ја шутираше“


