Вкупно 1.341 домашен и меѓународен набљудувач ќе ги следи локалните избори

На претстојните локални избори во недела ќе учествуваат вкупно 1.341 набљудувач, од кои 700 се домашни, а 639 меѓународни, како и двајца странски новинари, соопшти Државната изборна комисија (ДИК).

Комисијата веќе ја започна дистрибуцијата на изборниот материјал до општинските изборни комисии – недоверливиот материјал е во тек на достава, а доверливиот ќе се испорачува в четврток и в петок под постојан надзор на МВР.

— В четврток ќе бидат доставени избирачките списоци и сите гласачки ливчиња до сите општински изборни комисии, додека в петок ќе бидат доставени уредите за биометриска идентификација од страна на нас, како членови на ДИК, заедно со вработените и со сите други лица кои се овластени и ангажирани од ДИК до сите општински изборни комисии во државата — истакна Кондарко.

Во врска со планот за работа на ДИК, тој појасни дека по објавување на првичните неофицијални резултати, добиени по електронски пат, кои ќе се објавуваат сукцесивно во живо во текот на изборната вечер, по завршување на гласањето, наредниот ден на 20 октомври, ДИК направила план за прием и достава на оригиналниот изборен доверлив материјал, сите записници од избирачките места и сите записници од утврдувањето на резултатите од гласањето од страна на општинските изборни комисии.

— Во понеделникот навечер ДИК ќе ги објави и првичните официјални резултати врз основа на писмените оригинални записници од секое избирачко место и од секоја општинска изборна комисија — најави Кондарко и додаде дека на денот на изборите на секои два часа ќе се соопштува излезноста на гласањето по општини.

На седницата беа прифатени и барања за набљудување на локалните избори, поднесени од домашни и меѓународни организации, пристигнати меѓу две седници на ДИК. Според Светлана Карапетрова, член на ДИК, до Комисијата пристигнале барања за вкупно 1.341 набљудувач од кои 700 домашни и 639 меѓународни и двајца странски новинари.

На денешната седница на ДИК беа разгледани и поднесени приговори од гласачи, одбиени од општинските изборни комисии по барања за гласање во домашни услови како болни и немоќни лица.

Дел од барањата беа прифатени, а дел одбиени како неосновани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот