Визуелната естетика е клучен критериум за филмската програма на ИФФК „Браќа Манаки“
Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во своето 46-то издание ќе се одржи од 20 до 26 септември во Битола, ќе биде отворен со „Мајка“ на Теона Стругар Митевска, а ќе се затвори со „Диџеј Ахмет“ на Георги М. Унковски.
Препорачано
Филмови од најрелевантните филмски фестивали годинава ќе бидат прикажани на 46. ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола, а директорот Димитрија Доксевски најави квалитетно и возбудливо издание. Филмски селектори на програмите на „Браќа Манаки“ се Слаѓан Пенев, Марија Апчевска, Атанас Велковски, Кумјана Новакова и Ханис Багашов. Селектор на главната програмата е Слаѓан Пенев.
– Ова е фестивал на кинематограферите и најважна е визуелната естетика. И тоа е првиот критериум според кој ги проценуваме филмовите во текот на 12 месеци помеѓу едно и друго издание на фестивалот. Годинава имаме избор од филмови од најрелевантните филмски фестивали и добитници на награди – истакнува Слаѓан Пенев.
Програмата на главната селекција „Камера 300“ ја сочинуваат филмовите: „Мајка“ во режија на Теона Стругар Митевска, кинематографер Виржини Сен Мартан; „Диџеј Ахмет“ во режија на Георги М. Унковски, кинематографер Наум Доксевски; „Сништа (секс, љубов)“ во режија на Даг Јохан Хаугеруд, кинематографер Сесили Семек; „Сират“ во режија на Оливер Лаше, кинематографер Мауро Херсе; „Одмазничка“ во режија на Доминик Седлар, кинематографер Дејвид Мекфарланд; „Ѓаволот пуши (и ги чува изгорените кибритчиња во истата кутија)“ во режија на Ернесто Мартинез Бусио, кинематографер Одеи Забалета; „Сѐ уште сум тука“ во режија на Валтер Салес, кинематографер Адријан Теихидо; „Посетител“ во режија / кинематографер Витаутас Каткус; „Мирен живот“ во режија на Александрон Авранас, кинематографер Олимпија Митилинау; „Нов бран“ во режија на Ричард Линклејтер, кинематографер Давид Шамбиј; „За паѓањето“ во режија на Лаура Кареира, кинематографер Карл Киртен.
Комисијата за награди за филмовите од официјалната селекција во компетиција за „Златна камера 300“ ја сочинуваат: Денис Ленуар, претседател на жирито, Астрид Хојбрантнер, кинематограферка, Валерио Карузо, директор на веб-страницата „Синеуропа“, Асја Крсмановиќ, босанска сценаристка, драматург и програмерка на филмски фестивали, и Митко Панов, филмски режисер.

Режисерката Марија Апчевска заедно со Атанас Велковски ја селектираа краткометражната програма, која е составена од 14 наслови од целиот свет. Меѓу другите наслови ќе има и македонски филм, „Нова енергија“ на режисерите Сара Климоска и Радован Петровиќ, а дополнително ќе биде прикажана и малцинска копродукција, филмот „Лојнес“, кој имаше премиера во Кан. За оваа селекција ќе одлучува жирито во состав: Тудор Владимир Пандуру, кинематографер, Марко Брдар, кинематографер, и Марија Џиџева, режисерка.
Селекторка на документарната натпреварувачка програма на „Браќа Манаки“ е Кумјана Новакова. Програмата ќе претстави осум филмски остварувања од целиот свет – Европа, Јужна Америка, Блискиот Исток, како и од нашиот регион, а кои ги обединуваат актуелни социјални, еколошки, економски, политички и културни теми. За наградата „Железна камера 300“ ќе одлучува жирито за најдобар визуелен пристап составено од тројца членови: Лара Виланова, Карла Црнчевиќ и Роберт Јанкулоски.
Режисерот Ханис Багашов ја селектираше студентската програма и посочува дека секој филм носи свој посебен израз, а заедно прават живописен мозаик од перспективи, култури и традиции на визуелно раскажување.


