Вишото обвинителство може да го „воскресне“ затворениот случај со мазутот
Со поднесувањето на приговорот од страна на ЕСМ се активира редовниот законски механизам за контрола на одлуката за запирање на истрагата. Вишото јавно обвинителство има надлежност да ја преиспита одлуката на ОЈО ГОКК и да оцени дали запирањето на постапката било законито и основано, вели за „Слободен печат“ Дарко Аврамовски, директор на Коалицијата „Сите за правично судење“.
Вишото јавно обвинителство ќе биде исправено пред предизвик суштински да ги анализира причините за драматичниот пресврт меѓу иницијалниот наратив за истрагата за мазутот и одлуката на Обвинителството за нејзино запирање, односно да ги разреши дилемите во јавноста зошто од случај за кој се тврдеше дека има криминал од над 160 милиони евра, се претвори во случај без штета.
Препорачано
Директорот на Коалицијата „Сите за правично судење“, Дарко Аврамовски за „Слободен печат“ објаснува какви опции има повисокото Обвинителство, откако државната ЕСМ поднесе приговор на одлуката на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) и побара контрола од Јавното обвинителство. Па така, Обвинителството може да го задолжи обвинителот да ја продолжи постапката со прибирање нови докази, повторно сослушување или ново вештачење.

– Со поднесувањето на приговорот од страна на ЕСМ, сега се активира редовниот законски механизам за контрола на одлуката за запирање на истрагата. Согласно Законот за кривична постапка, Вишото јавно обвинителство има надлежност да ја преиспита одлуката на ОЈО ГОКК и да оцени дали запирањето на постапката било законито и основано. Во таа насока, Вишото јавно обвинителство може да изврши увид во целиот предмет, да ги анализира прибраните докази, вештачењата, исказите и образложението на одлуката. Доколку оцени дека постојат недостатоци, нецелосно утврдена фактичка состојба или потреба од дополнителни проверки, може да го задолжи обвинителот да ја продолжи постапката, што подразбира прибирање нови докази, повторно сослушување лица или евентуално ново вештачење. Во конкретниот случај, особено имајќи предвид дека станува збор за предмет од висок јавен интерес со долг временски период на истрага, примена на сериозни мерки и значителен јавен наратив околу наводната штета, сосема е очекувано Вишото јавно обвинителство детално да ги разгледа сите аспекти на постапката – вели Аврамовски.
Од Јавното обвинителство пак кратко велат дека ќе постапуваат согласно одредбите во Законот за кривична постапка.
– По поднесениот приговор ќе постапува Вишото јавно обвинителство Скопје, согласно одредбите предвидени во Законот за кривична постапка, а за одлуката јавноста ќе биде известена – велат од Обвинителството.
Иако обвинителката која го водеше случајот рече дека клучни за затворање на истрагата биле изјавите од претставници од ЕСМ дека нема штета, сепак компанијата поднесе приговор и излезе со обвинувања дека обвинителката „паушално го спровела вештачењето“ и „погрешно ги интерпретирала изјавите на инженерите“ и поднесе приговор.
– Видно од наредбата за запирање на истражната постапка, на овластените технички лица од АД ЕСМ, иако некомпететни во економската област – не им било предочено ниту биле запознаени со вештиот наод и мислење во економската област, иако истиот бил составен пред распитот. На вкрстени прашања од правните застапници на осомничените за време на распитот, техничките лица на АД ЕСМ само констатирале дека вкупната количина на произведена електрична енергија заклучно со април 2023 година – одговарала на потрошената количина мазут во ТЕЦ Неготино и во тој поглед техничките лица само констатирале дека не била нанесена штета врз планот за производство, без да се елаборира дали потрошената количина била согласно тендерските услови и договорот – тврдат од ЕСМ.
Кривичната пријава беше за серија злоупотреби со набавките на мазут, а МВР кога ја поднесе лани во март тврдеше дека државата претрпела штета од над 167 милиони евра преку наместени постапки и транспортирање на мазутот до ТЕЦ Неготино, а клучно било тоа што претставници на АД ЕСМ изјавиле дека за компанијата нема штета, а тоа било утврдено и со докази.
Левица: Зошто државниот обвинител Савески не ги користи своите овластувања за случајот „Мазут“?
Минатата недела Обвинителството соопшти дека истрагата за наводни злоупотреби со мазутот била запрена за Ратко Капушевски и неговата фирма РКМ, Асмир Јахоски- сопственик на „Пуцко петрол“ и син на пратеникот на ДУИ, Исмаил Јахоски, поранешните директори во ЕСМ, избеганиот Васко Ковачевски и Адриан Муча, Ерџан Сулкоски и уште 8 други осомничени.
За владејачката ВМРО-ДПМНЕ која беше шокирана од одлуката на Обвинителството и секојдневно обвинува за политичка поврзаност со СДСМ и ДУИ, шефот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Ислам Абази и со обвинителката Коларевиќ, приговорот на ЕСМ е доказ дека не воделе професионална истрага.
– Скандалозно е што Обвинителството дел од доказите за кривичната одговорност неосновано ги изземало како изговор за прекинување на постапката, а истовремено не обезбедило ниту распит на Васко Ковачевски. Тоа не е правда, туку свесно компромитирање на постапката. Приговорот на ЕСМ отвора сериозна можност истрагата повторно да се активира и конечно да се утврди кој го оштетил државниот буџет и во чиј интерес се носеле вакви срамни обвинителски одлуки. Приговорот на ЕСМ до Вишото јавно обвинителство дава правна можност за преиспитување на решението за скандалот „Мазут“ и за корекција на ова контроверзно решение за прекин на истрагата од Коларевиќ и Абази. Приговорот на ЕСМ е нова околност според којашто прекинатата истрага за мазутот може да продолжи, бидејќи ЕСМ е оштетено правно лице коешто ги побива изјавите на Коларевиќ и Абази како обвинителски тандем, којшто им дал повластена улога и им подарил поголема верба на исказите на Капушевски, Јахоски, Адријан Муча, Ерџан Сулкоски, а воопшто го немале ниту достапен Васко Ковачевски – се вели во последната реакција од партијата.


