Вишото јавно обвинителство даде предлог да се одбијат жалбите на обвинетите за пресудите за „крвавиот четврток”

Денеска на одржаната јавна расправа во Апелациониот суд по поднесените жалби за пресудите за случувањата на 27 април во Собранието,  Вишото јавно обвинителство Скопје, по проучување на првостепената пресуда и останатите списи од предметот даде предлог да се одбијат како неосновани жалбите на обвинетите, и тоа по сите основи на кои се однесуваат.

Во однос на фактичката состојба која произлегува од бројни материјални и вербални докази изведени на главната расправа, првостепениот суд правилно оценил дека кај обвинетите постои умисла за дејствијата кои ги презеле и дека станува збор за добро осмислени, организирани и синхронизирани дејствија во кои што секој од обвинетите имал однапред одредени улоги и задачи.

Во однос на жалбата од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за ослободителниот дел од наведената пресуда за обвинетиот Игор Дурловски, Вишото јавно обвинителство Скопје во својот предлог се произнесе дека повисокиот суд треба да ја одбие како неоснована.

Имено, првостепениот суд правилно ги утврдил фактите  во предметот и во пресудата образложил дека за овој обвинет не е докажано надвор од разумно сомневање дека го извршил наведеното кривично дело.

Меѓу 16-те обвинети кои со првостепената пресуда од март минатата година беа осудени на вкупно 211 години затвор за кривичното дело „терористичко загрозување на државниот поредок” се поранешниот директор на Бирото за јавна безбеднист, Митко Чавков, припадници на МВР и Агенцијата за разузнавање.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот