ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Учениците од насоката за традиционална музика и танци во „Илија Николовски – Луј“ со завршен концерт „Аирлија“

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Македонската традиционална музика и танци веќе две децении се изучува во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, а учениците и професорите од оваа насока, годинава подготвија уникатно концертно доживување во форма на мјузикл од традиционални македонски песни, танци, музика, костими и сценографија. Завршниот концерт едноставно и соодветно наречен „Аирлија“ ќе се одржи на 18 јуни в 20 часот во НОБ.

Концертот е посветен на одбележување на свадбата и свадбените свечености, свадбените веселби, како еден од главните и најубави белези на нашата музичка култура.

Во утринската емисија „Слободен печат“ зборувавме со дел од професорите и учениците и бевме дел од нивната генерална проба, каде имавме можност да ги забележиме жарот и љубовта на овие млади луѓе кои заеднички го создаваат ова ретко и единствено доживување.

– Зад сето ова стои еден сериозен тим колеги, 7-8 колеги коишто предаваме во оваа насока за традиционална музика и игра, и постои една локомотива или координатор на насоката, но многу е важна целата заедничка работа и влог од сите нас. Ние континуирано во текот на целата година подготвувавме настан, завршен концерт, кој е круната на тековното работење, иако пропратно во текот на годината имаме уште бројни настани. Успеваме да направиме еден прекрасен производ, на крај на годината со учениците од прва до четврта година, но за нас како педагози највредното нешто е кога ќе видите ученици кои се инфилтрирале тука од пред неколку месеци, а веќе творат, опслужуваат и во орската традиција и во вокалниот и инструменталниот сектор, како што е примерот со овој концерт – вели професорката Благица Илиќ.

– Аирлија е еден збор со којшто можеш да опфатиш буквално сè она што сакаш да го кажеш и претставиш од овој убав чин. Свадбата е еден од највеселите, најсветлите, најсвечените културни белези на нашата музичка култура, отсекогаш било така и секогаш ќе биде, особено ако е ставен во убав контекст, убаво интерпретиран, навистина го разигрува срцето и „аирлија“ е точно соодветствува и повлекува сите да си го кажеме тој благослов. Тука се ученици од прва до четврта година, буквално сите наши ученици, коишто во ова цело концертно подготвување имаат некоја своја улога и се точно распоредени секој да даде свој придонес во ова целосно уживање. Всушност овде ние како што видовте функционираме како едно семејство, а секое семејство поминува низ различни секојдневни активности, согласувања, несогласувања, но на крајот од денот таа љубов победува и нашата љубов овде вака победува и в тоа име да си кажеме аирлија – вели Вера Милошевска, професорка во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“.

Целото интервју можете да го погледнете на следниот линк:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот