ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Наумоски: По победата на Трамп доаѓа време кога секој ќе си расчистува во својот двор
Од глобализацијата најмногу изгубија западните земји, особено земјите од Источна Европа и ние како Западен Балкан. Трамп е противник на глобализацијата. Сепак, мерките што ќе ги преземе Трамп, Наумоски не очекува да предизвикаат инфлација. Но, заклучува дека треба да се насочиме кон одредени инвестиции за да си обезбеди секој за себе храна и електрична енергија.
Победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД е почеток на едно поглавје кое ќе има позитивно влијание и врз Западен Балкан. Трамп има одлична претприемачка стратегија која е антиглобалистичка, доаѓа време кога секој ќе си расчистува во својот двор, очекувањата се дека 2025 година ќе биде година каде што ќе се запрат воените жаришта, а потоа и двете завојувани страни ќе размислуваат за реобновување на таа територија, анализира универзитетскиот професор Синиша Наумоски во интервјуто за утринската програма на „Слободен печат“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Наумоски вели дека и самиот Трамп потенцирал оти неговиот идол е Роналд Реган, кој во 80-тите години ја донесе најголемата економска благосостојба или најголемиот економски раст на САД.
– Ако го знаеме тоа, а со оглед на тоа што Трамп веќе беше претседател од 2016 до 2020 година, овој втор мандат би бил продолжение на тогашниот, само што се надеваме дека годините што ги одзеде ковид-кризата, нема да бидат вкалкулирани во вториот мандат.
Под водството на Трамп би се зајакнала онаа конзервативна стратегија поттикната од Реган, да се спротивстави на еден начин на оној либерален капитализам, или ако милувате, на глобализацијата – вели Наумоски.
Од глобализацијата, пак, нагласува Наумоски, најмногу изгубија западните земји, особено земјите од Источна Европа и ние како Западен Балкан.
– Кој доби најмногу? Оние што беа противници на таа глобализација: Кина, Турција, Русија, особено Индија. Со привлекување компании во таа глобализација, создаваа работни места и го јакнеа статусот на граѓаните на својата држава. Трамп, според мене, ќе даде значење на мотото „Мејд ин Америка“. Тоа значи дека во иднина ќе гледаме многу олеснителни даночни поволности за сите оние претприемачи и големи компании што ќе основаат фабрика на американскиот континент, а огромни даноци за сите оние што таа фабрика ја пласираат во Истокот – рече Наумоски.
Наумоски не се согласува со тезата дека ваквата политика на Америка може да доведе до инфлација.
– Не се согласувам со тоа, останува да видиме… За инфлацијата што сите ја преживеавме, особено во 2021 и во 2022 година кога имавме и двоцифрена инфлација, мора да се постави вистинското прашање: Што ја предизвикува таа глобална инфлација? Главни фактори беа кризата со короната и почнувањето на военото жариште во Украина. Јас сум по природа и по убедување пацифист и сакам да верувам дека 2025 година ќе биде година каде што ќе се запрат воените жаришта. Кога ќе се запрат воените жаришта, завојуваните страни ќе размислуваат за реобновување на таа територија – вели Наумоски.
Професорот оценува дека сега треба да имаме усогласеност во политиките на економската меѓународна активност на САД и на Европската Унија.
– Сите компании што се во источните земји, треба да се приближуваат и на европскиот континент и на САД – вели Наумоски.
Тој вели и дека Европа сега го подигнува прашањето за јакнењето на својата економија и ги анализира врските со новиот американски претседател Трамп.
– И во Германија е актуелна темата на промена на власта. Новиот потенцијален канцелар, лидерот на Демохристијанската партија ЦДУ, Фридрих Мерц, веќе имаше обраќање пред своите членови на партијата и пред јавноста на една прес-конференција каде што им се обрати на лидерите на Европската Унија дека мора Европа сега да биде силна, да му покаже на американскиот претседател дека може и самата.
Од друга страна, и Трамповата филозофија е таква – можете и без генералниот или дежурен полицаец да се справувате со околностите. Односно, зошто американските држави цело време да бидат донатори на проблеми, а се надвор од американскиот континент? Ако ова го сублимираме, мислам дека ни доаѓа еден свет, каде што секој ќе се грижи за сопствениот двор – вели Наумоски и забележува оти тоа не значи дека очекува економско отсуство на САД во регионот.
Наумоски елаборира дека треба да се насочиме кон одредени инвестиции за да секој си обезбеди за себе храна и електрична енергија.
– Да сублимирам, не очекувам дека ќе има висок притисок на инфлацијата во периодот што следува. Очекувам дека ќе има можеби рекомпонирање на економските глобални текови и една поинаква Европа што ќе мора да се позиционира во своето време да биде едноставно независна во делот на факторизирање, да ги усогласи ставовите, бидејќи во самата Европска Унија имате различни толкувања. Мислам дека со доаѓањето на нова власт во Германија, која е лидер на Европската Унија, тоа ќе може тоа да се реализира во догледен период – заклучува Наумоски.
Целото ВИДЕОИНТЕРВЈУ погледајте го погоре.


