ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Маџовски: Рипамe од кондури кога ќе рикнат Соња, Бела или Чакa

Бели лавови/ фото: Драган Митрески/Слободен печат

Кое е вашето омилено животно од Зоолошката градина – Скопје? Дали знаете како се вика, колку години има, од која земја потекнува и кога за првпат бил донесен тој вид, таа единка кај нас? Нашата Зоолошка постои од 1926 година и низ годините се развивала просторно, а растел и бројот на животните. Денес при посетата на Зоолошката градина можете да се запознаете со стотици разновидни единки, а секоја од нив крие посебна судбина.
„Слободен печат“ низ овој серијал, кој го нарековме „Лична карта на жителите на ЗОО Скопје“, ќе се обиде да ви ги доближи нивните приказни, нивните карактери и чувства. Ќе се обидеме да ви овозможиме да дознаете што јадат и која е нивната омилена храна, ќе дознаете нешто ново и забавно, поврзано со омилените сожители во главниот град.

Белите лавови се раритет, од околу 300 единки во светот шест живеат во скопската Зоолошка. Чакa и Бела се првите бели лавови кај нас. Од нив пред две години ги добивме малите лавчиња Луна, Хана и Ана, кои денес се преубави лавици. Од нив најмногу се издвојува Луна како најљубопитна од сите. Кога пристигнавме, таа прва дотрча да нè поздрави и постојано немирно се движеше натаму-наваму додека другите лавови уживаа на сончевите зраци. Нè погледнаа дискретно неколкупати, дојдоа еднаш да не видат и потоа беа индиферентни кон нас.

– Соња е петгодишна лавица, кога дојде кај нас беше многу срамежлива. Но ние со многу љубов, труд и работа успеавме да ја придобиеме нејзината симпатија – вели за „Слободеn печат“ ЗОО – негувателот Александар Маџовски.

Маџовски како дете живеел во близина на Зоолошката градина и бил редовен посетител. Oтсекогаш ги сакал животните, а честото дружење со нив кај него ја родило желбата еден ден да работи со нив. Желбата му се исполнила! Тој е посветен негувател, кој ни откри дел од тајните за прекрасните грациозни лавови.

– Гледате дека Чакa сега е мрзелив бидејќи само што се најаде, инаку тој ни е прав манекен, воопшто не е статичен, напротив, многу си игра, подвижен е – објаснува Маџовски.

Вели дека времето поминато со нив е многу интересно, полни се со изненадувања, а најинтересно е кога ќе рикнат.

– Кога ќе рикне некој од лавовите, се слуша на 8 километри одалеченост, а замислете, ние тоа го слушаме блиску до нив. Рипам од кондурите – низ смеа додава Маџовски – Но понекогаш и ние викаме заедно со нив и на тој начин тие чувствуваат дека ние сме дел од нивниот чопор – рече тој.

Целото видео за белите лавови погледнете  во продолжение:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот