ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Костадин Ацевски: Не се кандидирам од желба за позиција, туку за промени во Ѓорче Петров
Мојата кандидатура не е поради желбата за позиција или да станам градоначалник, туку поради потребата да се презема одговорност. Да се презема одговорност и за состојбите што се случуваат во општината и потребата тие да се променат на подобро и да се презема одговорност во рамките на партијата, која во моментов и еден период наназад, по парламентарните избори, се наоѓа во една незавидна состојба, во состојба на дефанзива и по лошиот изборен резултат потребно е да се презема одговорност. Треба да се истапи напред и да се покаже промена во принципите на политичко дејствување и во принципите на креирање политики и презентирање на тие политики пред граѓаните, вели кандидатот на СДСМ за градоначалник на Општина Ѓорче Петров, Костадин Ацевски.
Препорачано
Во интервјуто за „Слободен печат“ тој вели дека на општината на која претендира да ѝ стане градоначалник, ѝ недостасуваат многу работи.
– Состојбата во која се наоѓа Ѓорче Петров налага неопходни промени, бидејќи Ѓорче Петров, многупати сум кажал, а сега ќе повторам, е бетонизирано, со запуштени јавни површини, без основна грижа за потребите на граѓаните и без визија и идеја за развој. Идејата и визијата што ја има актуелната локална власт во Ѓорче во овие четири години и која очигледно ќе биде и во наредниот период е само како секој слободен простор да се зафати со згради и да се оствари брз профит за сметка на квалитетот на живот на граѓаните – вели тој.
Ацевски додава дека актуелниот градоначалник Александар Стојкоски бара алиби кога вели дека половина од мандатот го потрошил на стабилизирање на Општината, која во претходниот мандат беше управувана од кадар на СДСМ.
– Во Ѓорче Петров, во последните 20 години ВМРО-ДПМНЕ ја има локалната власт цели 16 години. Од 20 години, четири години била СДСМ со нејзин градоначалник, а 16 години ВМРО-ДПМНЕ. Во тие 16 години, актуелниот градоначалник е четири години градоначалник, четири години претседател на Советот, а во уште еден мандат прво беше претседател на Советот, а потоа и пратеник. И сега тој кажува дека Општината била оставена во лоша состојба, во кал, па сега мора да се средува, меѓутоа сè уште ништо не е средено. И сè уште ние враќаме кредити од времето кога тој беше претседател на Советот. Во времето кога тој беше претседател на Советот, се земаа кредити за правење улици. Но, се потрошија милион евра од Министерството за култура и за споменик на Ѓорче Петров. И во 2021 година тој ветуваше две градинки, нема ништо од тоа, тој нема изградено две нови градинки, а почна да се гради една градинка со средства што на Општина Ѓорче Петров ѝ ги додели владата предводена од СДСМ во висина од милион евра. Тогаш се направија неколку улици со средства од владата на СДСМ, а некои улици направи и Данела Арсовска, таа направи една клучна улица во делот на Волково – улица „Волковска“. Меѓутоа Општина Ѓорче Петров нема реализирано ниту еден капитален проект. Нема алтернативна сообраќајница за цел еден дел од општината, односно за населените места Волково, Кисела Јабука, Ново Село, Даме Груев – додава Ацевски.
Тој потсети и на условите во кои беше изгласан новиот ДУП за населбата Влае, каде што се предвидени висококатници од 18 и од 20 ката, како и поголем број пониски објекти.
– Во 17.39 часот советниците добиваат известување за седница што ќе се одржи наредниот ден, во 10.00 наутро. И на вонредна седница се носи новиот ДУП. За свикување вонредни седници е пропишано во кои услови се одржуваат. Во случај на кризни ситуации, елементарни непогоди, а не за да донесете нов урбанистички план, за кој притоа самиот градоначалник кажа дека не бил донесен 10 години наназад. Мислам дека тоа не е ни транспарентно, ни во согласност со процедурите и законите. За тој детален урбанистички план имаме две негативни мислења од Градот Скопје, од две различни градски администрации. Имаме негативно мислење и од Комисијата за урбанизам на Град Скопје, во времето кога Петре Шилегов е градоначалник, за катноста на овие висококатници и негативно мислење од друга Комисија за урбанизам во времето кога Данела Арсовска е градоначалник. И тоа за истите точки – додава Ацевски.
Тој смета дека на општината ѝ е потребен хуман развој, а не висококатници и објекти што не се од интерес на граѓаните, туку служат за профит на поединци.


