ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Кочовски: Во Хрватска летово ќе заминат од 8.500 до 12.000 работници од Македонија
Компанијата „Коузон“ е една од првите специјализирани компании во Македонија која повеќе од 25 години нуди вработувања во странство. Но организира и вработување на студенти преку лето во Америка. Зоран Кочовски, генерален менаџер и сопственик на компанијата во утринската програма на „Слободен печат“ вели дека годинава се очекува само во Хрватска да заминат од 8.500 до 12.000 сезонски работници од Македонија и околу 1.500 студенти на летна работа во Америка и Германија.
Препорачано
-Темата за вработувањата е многу актуелна посебно во текот на пролетните месеци. Македонија ја задржа традицијата да носи работа сила надвор од границите во текот на летото и таа традиција трае од 1998 година откако јас работам. Во изминатите години атрактивни беа Грција и Црна Гора, но последниве 5 години најатрактивна локација за миграција на работа сила од Македонија е Хрватска. Редовно во Хрватска заминуваат од 8.500 до 12.000 сезонски работници Македонци кои најчесто работат во угостителство-вели Кочовски.

Според него се бележи многу значаен наплив за другите сектори како градежништво, услужен сектор, дури има одредени понуди во администрација во големите компании.
–Хрватска има голем развој во сите сегменти на општественото живеење и стопанисување. Потребата за работна сила е од намалениот наталитет во Хрватска, одливот на работна сила во ЕУ. Сето тоа придонесе да има голема потреба за работна сила и она што морам да го кажам е дека Хрватите предничат на Балкан со потреба на работна сила. Една Грција е два пати поголема од Хрватска, но нема толку потреба од работна сила колку Хрватска. Хрватска годинава има потреба од 120.000 работници-вели Кочовски.
ХУП: Повеќе од половина милион странски работници треба да работат во Хрватска до 2030 година
Тој освен за Хрватска нуди атрактивни вработувања на Кипар каде се атрактивни платите, во Грција, за сите кои зборуваат турски и во Турција, Црна Гора и Германија.
-Кога имате барател на работа тој вели што нудите и што е најплатено. Ние правиме регрутација. Не е само барам работа и ние го испраќаме. Единствена агенција во регионот бевме што вработуваше наши земјоделци во Англија помеѓу 1.200 до 1.300 работници кои работеа на фарми во Англија. За ова сезона драстично е намален бројот, потребата е само 400 работници од Македонија-вели Кочовски.
Тој објаснува дека нивниот сервис за вработување е бесплатен. Каде и да праќаат некого на работа, тие не наплатуваат.
-Нашиот сервис се наплаќа од работодавецот, не од работникот. Ние правиме избор, регрутација. Потпишувате документи и не праќаме секого на работа-вели тој.
За студентската работа вели дека и понатаму е актуелна, но имаат понуда за работа и за големите крузери
-Темата за вработување на бродови е тема за која би зборувал 24 часа без престан заради неколку факти. Тоа е привилегија за млад човек бидејќи е сместен, живее и работи во хотел со пет ѕвезди. Тоа што ќе го научи му остава позитивна трага за цел животи, најмногу е заработувачката која може да е многу голема. Бродските компании имаат стратегија на напредување во кариерата. Ако се вработи за 1.000 долари, гарантирано е дека за 3 до 4 години ќе има плата до 4.000 долари, а може да стигне и до 10.000 долари. Интересот и за таа програма е релативно добар, но не е на нивото на кое беше порано-вели Кочовски.
Тој вели дека и на Македонија и треба работна сила.
-Јас сум единствениот од државава кој кажуваше дека ќе ни биде потребна сила и таа мора да се интегрира во општеството. Ние страдаме сега. Имавме случај кога државните институции нас ни одбија работна сила од Шри Ланка за познат производител од Македонија со изговор дека не се подобни. Тоа е таа бирократија која го кочи економскиот развој на државата. На работодавецот му направија штета од стотина илјади евра затоа што ако не можете да ја пуштите линијата за која тие лица требаше да дојдат во земјава, вие губите на дневна база од 5-7000 долари. Ако пресметаме дека за нова работна сила ќе ни треба од еден до три месеци, лесно може да се пресмета колкава е загубата. До половина милион евра-вели Кочовски.
Со Кочовски зборувавме и за интеграција на работна сила, за начинот како да ја донесеме во државава.
Целото интервју погледнете го во продолжение:


