ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Каролина е капучино, Калиопи ристрето, Стефановски турско, а Тијана еспресо – Владо Георгиев ги спореди македонските пејачи со кафе
Славниот пејач, Владо Георгиев, еспресото го става на пиедестал, па затоа во студиото на „Слободен печат“ како добри домаќини го послуживме со едно. Инспирирани од колегите од едно српско радио ја позајмивме идејата за една забавна игра – македонските пејачи како кафе. Кој од нив според Владо е еспресо?
Препорачано
– Не го знам многу наравот на вашите пејачи, но во интерес на забавата ќе се потрудам да направам споредба. Каролина би била капучино, Калиопи пак, рестрето, а Влатко Стефановски е дефинитивно турско кафе кое потоа преминува во макијато. За Тамара би рекол дека е големо кафе продолжено со млеко и шлаг, а Тијана без размислување еспресо – низ смеа вели Георгиев.
Популарниот пејач се присети на неговите почетоци од кариерата на само 11-годишна возраст, кога почнал да свири, а зборуваше за тоа како го поднел преселувањето во друга земја на 16 години.
– Бев млад, но мене музиката уште оттогаш ми беше сè. Одбрав да заминам од дома и почнав самостоен живот во Белград, кој и тогаш, па и денес е центар на Балканот. Јас не гледав како на проблем и предизвик на перењето алишта, пеглањето, чистењето, готвењето, сè правев сам, а и немав избор. Не сум размислувал, а еве сега вие ме потсетивте на тоа да сфатам колку всушност тогаш ми недостасувала мајка ми, не само околу практичните работи, туку и за разговор, тоа посебно го сфатив лани кога таа почина – рече пејачот.

Георгиев открива дека сите од неговата фамилија се талентирани за музика.
– Брат ми е одличен музичар, татко ми исто така има дарба, а и мајка ми беше музикална, но никој од нив не сакал да се занимава со музика. За разлика од мене. Мене музиката ми е живот – рече тој.
Малкумина знаат дека Владо Георгиев имал желба и за друга професија, која за жал била затворена врата за него.
– Не сум зборувал за тоа дека јас всушност сакав да студирам режија. Но, знаете што значеше во 90-тите да влезеш на ФДУ во Србија?! Значеше да имаш дебели врски со некои видни политички имиња. Затоа и од таа генерација имаме такви какви што имаме, слаби глумци – вели нашиот соговорник.
Ни откри и кој стои зад популарната инстаграм-група „Владологија“, каде што хуморот и сатирата се ставени во преден план, а легендарните објави на „Икс“ (твитовите) на Владо Георгиев се главна инспирација.

Со посебни емоции зборува за неговите ќерки за кои вели дека го наследите талентот од тато.
Погледнете едно опуштено интервју во кое пејачот открива досега некажани работи во јавноста.
Поводот за нашата средба е неговиот голем концерт во Скопје на 24 април во СП „Јане Сандански“.



