Илија Николовски - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Илија Николовски - Фото Слободен печат - Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ| Илија Николовски, Партијата на пензионери: Ниту еден пензионерски дом не се изгради од осамостојувањето, а старите се распаѓаат

Имаше многу модерни и функционални домови. Таков беше во Битола и во Аеродром каде што имаше и аптека и лекар. Во Словенија имаат и фризерници и педикир. Николовски вели дека треба да се редефинира улогата на пензионерите – место да ѝ бидат товар на државата, да бидат корисни

Во државата има 348.795 корисници на пензија. Просечната пензија изнесува 27.167 денари, а нема пензија под 19.228 денари, покажуваат последните податоци за декември што ги објави Фондот за пензиско осигурување. Овие бројки се резултат на линеарното зголемување на пензиите. На повидок е ново – дали ќе има или не, ќе пресече и Уставниот суд. Илија Николовски, претседател на Партијата на пензионери, во интервју за „Слободен печат“ вели дека нивните барања веќе се постигнати. Висината на просечната пензија достигна 60 отсто од просечната плата. Постигнати се и надминати заложбите на Партијата на пензионери соодносот меѓу минималната пензија и минималната плата да биде 70 проценти. Но, како што вели Николовски, потребно е целосно да се редефинира улогата на пензионерите, место товар на општеството да бидат од корист. Како приоритети на кои државата треба да обрне внимание, посочува тој, е проширување на позитивната листа на лекови и нови мултифункционални домови какви што имаше во поранешна Југославија, а кои сега се распаѓаат, или издаваат.

– Од осамостојувањето на Македонија не е изграден ниту еден нов пензионерски дом. Иако, на пример, претходната влада се фалеше дека во Кавадарци и во Кочани сè било подготвено за почеток, не се изгради ниту еден. Сега новата влада најавува дека во Кочани конечно ќе почне изградба и јас тоа би го поздравил ако навистина се реализира – вели Николовски.

Тој посочува дека и тие домови што ги имаме се недоволно одржувани или пропаѓаат.

– Еве, во Битола имаше еден многу современ пензионерски дом со голем капацитет, кој подоцна се користеше како хотел. Веќе неколку години се обидуваат да го продадат, но не успеваат. Домовите што ги имаме не се одржуваат доволно и не се користат рационално. Да го земеме за пример и Домот на пензионери во Аеродром. Едно време таму имаше лекар и амбуланта и берберница, а сега нема ништо. Очигледно е дека кога некој го проектирал домот, многу добро размислил. Слично е и со Автокоманда – треба да се размислува за мултифункционалноста и за социјалната грижа за пензионерите за да им се олесни животот. Во Словенија, на пример, има и педикир и маникир во домовите – вели Николовски.

Николовски вели дека имаше пензионери со многу ниски пензии и дека сега состојбата е подобрена, но дека се создал еден парадокс – повисок раст на пензии од плати.

– Околу минималните пензии, морам да ги охрабрам пензионерите и првенствено да изразам мое високо почитување и разбирање за пензионерите со најниски пензии. Меѓутоа, ситуацијата во Македонија може да се каже дека е парадокс каков што го нема никаде. Првпат во историјата, во последните десет години, пензиите побрзо растат од платите. На пример, растот на пензиите во ноември 2025 година е 107,5, додека растот на платите во истиот период од 10 години е 106,8. Јасно е дека имаме значителен раст на пензиите. Не велам дека се високи, но во однос на платите, пензиите растат побрзо – вели Николовски.

Сепак, тој вели дека една од причините за ова математика е и што нема зголемување на минималната плата.

– Имам разбирање за работниците што се бунат – прашање е колку е реално тоа што го бараат – но факт е дека сме со најниско ниво во регионот. Од друга страна, немам разбирање за работодавците. Зошто? Затоа што профитот во однос на националниот доход во Македонија е најголем во Европа – 55%, отсто, додека европскиот просек е околу 45 отсто. Не држи аргументот дека нема услови и дека постојано се бараат нови бенефиции – дециден е Николовски.

Тој смета дека е многу важно да се редефинира улогата на луѓето од третата доба. Како еден од начините го смета изгласувањето на Законот за ангажирање лица, кој од годинава овозможува пензионерите сезонски или привремено да работат со платени придонеси, со што би се подобрила нивната пензија. Но, смета дека треба да им се овозможи и трајно вработување без да се откажат од пензијата и дека добар е словенечкиот пример каде што додека работат, земаат половина од пензијата.

– Редефинирањето на улогата на пензионерите, државата треба организирано да го направи. Пензионерите ќе бидат товар ако не се води доволно грижа за нив, ако не бидат вклучени во системот на образование, ако немаат можности за работно ангажирање, пристап до пазарот на трудот и културно-забавни активности и слично. Во спротивно, тие нема да бидат товар на државата и нема да има судир на генерации. Гледате, таа „сребрена генерација“ на Запад, која денес управува – да не го земаме сега Трамп – покажува дека луѓето со побелена коса не треба да се занемаруваат. Напротив, тие можат многу да придонесат – вели Николовски.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот