ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Георгиева: За жал, кај нас занаетчиите веќе полека изумираат
Има ли Македонија генијалци и иноватори? Што креираат генијалците и по што се издвојуваат од своите врсници? Колку иновации има во државава и колку се иновативни нашите поединци, а на колку се работи? Прашања на кои малкумина го знаат одговорот. „Слободен печат“ ќе се обиде преку серијал да обезбеди барем мал дел од одговорите и да им даде шанса на генијалците и на иноваторите да ѝ ги претстават своите креации и идеи на пошироката јавност. Креатори на игри, успешни шахисти, инженери, научници, балерини… се само дел од ликовите што ќе бидат дел од нашиот серијал.
Во овој серијал ви ја представуваме Сандра Георгиева, креатор и сопственик на брендот „Мус“, која со својата работа го изразува занаетот како уметност. Нејзините чевлички за проодување се изработени од 100% природна кожа, се резултат на рачна изработка и посветеност. Сандра верува дека секое парче занаетчиска работа носи уникатна вредност, што е спротивно на масовната продукција.
– Изработката на рачните производи има поголема вредност затоа што некој вложил труд и љубов таму. За жал, кај нас веќе занаетчиите полека изумираат – вели Сандра за Слободен печат.
Сандра е по професија графички дизајнер, но нејзината страст ја натера да се оддалечи од компјутерот и да се посвети на рачно создавање. По неколку месеци размислување, таа ја пронајде својата вистинска љубов во создавањето чевли, но, секоја работа си има свои предизвици, таа се соочува со предизвиците на малите бизниси во нашата земја, каде што поддршката е недоволна.
– Државата не обезбедува никаква поддршка, барем за малите бизниси како мојот – објаснува Сандра.
Со нејзиниот позитивен став и искуство, таа ги поттикнува младите да не се откажуваат и да веруваат дека со занает се заработува и така човек може да се изрази.