Антонио Даниловски - Менаџер на центарот за поправки Ништо ново. - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Антонио Даниловски - Менаџер на центарот за поправки Ништо ново. - Фото Слободен печат - Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Даниловски од АРНО: Поправките значат помалку отпад

Светскиот ден на поправките треба да нè освести или да нè потсети на тоа дека наместо да го фрлиме, треба претходно да се обидеме да го поправиме апаратот, велосипедот, да ја сошиеме облеката или да ја подариме, да ја испереме и дадеме играчката на некое дете што нема, наместо да ја оставиме во контејнер…

Во Македонија втора година по ред се одбележува Светскиот ден на поправките, а гостин во „Слободен печат“ е Антонио Даниловски, координатор на Центарот за поправки „Ништо ново“ и здружението АРНО, кој ни ги открива деталите за овој настан.

– Оваа година Светскиот ден на поправките го одбележуваме преку ZOOM работилница од отворен карактер насловена „Како да го одржуваш твојот компјутер – практични совети и трикови“, која ќе се случува вечерва со почеток во 18 часот. Работилницата ќе ја води проф. д-р Бобан Јоксимоски од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Учесниците ќе добијат конкретни насоки и алатки за одржување на софтверот, оптимизација на системите и безбедно користење на постари уреди. Учеството е бесплатно и ги охрабрувам сите да ни се придружат – вели Даниловски.

Оваа година темата е „Застарување (обсолесценција) на софтвер“. Ова е од особена важност за сите, како што вели нашиот соговорник, бидејќи само неколку дена пред Светскиот ден на поправки, Мајкрософт ја прекина поддршката за „Виндоус 10“ (Windows 10), оставајќи повеќе од 400 милиони компјутери ширум светот без ажурирања и безбедносна поддршка.

– Оваа постапка на Мајкрософт подразбира и сериозна закана за животната средина, односно во превод тоа би значело и драматичен раст на електронски отпад (700 милиони килограми дополнителен е-отпад) и непотребни трошоци за граѓаните и институциите. Затоа треба да сфатиме дека секоја поправка значи помалку отпад – рече Даниловски.

Во Кисела Вода постои Центар за поправки, каде што можете да се обратите доколу имате потреба од поправка на нешто.

– Центарот функционира одлично, граѓаните го посетуваат и ги користат услугите, најчесто поправаат велосипеди. Ние функционираме на тој начин што јас сум таму да им помогнам, но целта е тие самите да се обидат да научат да поправаат. Ќе споделам интересна случка со група младинци кои дојдоа да си ги поправат велосипедите, секако со моја помош, бидејќи на малолетници не им дозволуваме самостојно да ракуваат со апаратите. Толку им се допадна идејата што следниот ден дојдоа да видат каква работилница имаме – рече тој.

Антонио Даниловски - Менаџер на центарот за поправки Ништо ново. - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Антонио Даниловски – Менаџер на центарот за поправки Ништо ново. – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Идејата е Центарот во иднина да нуди „библиотека“ на алати, за симболична цена граѓаните ќе можат да позајмат алат наместо да купуваат и, како што вели Даниловски, се стремат во иднина да се отворат повеќе центри за поправка.

– Јас мислам дека секоја општина треба да има центар за поправка. Целиме кон тоа вакви центри да се отворат не само во Скопје, туку ширум државата – вели тој.

Даниловски вели дека секогаш се обидува да ги поправи работите, благодарение на тоа што доаѓа од мајсторска фамилија, умее со алатите и горд е на тоа, а како што вели, во канцеларија колегите многу му се радуваат, затоа што им поправа кога нешто ќе се расипе.
Погледнете го целиот разговор и запознајте се повеќе со Светскиот ден на поправки во Македонија на јутјуб-каналот на „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот