Камелија Симеонова - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Камелија Симеонова - Фото Слободен печат - Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Симеонова: Пубертетот е земјотрес во семејството – дали родителот е доволно стабилно тло?

Како да се справите со тинејџер? Колку е тежок овој период? Со какви сè предизвици се соочуваат родителите? Има ли начин како да му се пријде на тинејџерот за полесно да се решат неговите проблеми, меѓутоа и функционирањето на целото семејство? Од денес во Македонија е достапен „Водич за родители“ кој е наменет токму за оваа возраст. За водичот и за потребата од една ваква литература зборуваме со доктор Камелија Симеонова, детски и адолесцентски психијатар од приватната болница „Аџибадем- Систина“. Таа вели дека нејзиното искуство покажува дека тинејџерството, односно адолесценцијата претставува најголема бура во семејството.

– Буквално може да го споредиме со земјотрес, родителите не знаат како да се справат и навистина им е потребна помош како да постапуваат со модерните млади деца. Во книгата им понудив класични сценарија коишто најчесто ги лутат тинејџерите и им посочив на родителите како да реагираат во одредени ситуации за да не се создаваат конфликти во семејството. Децата се различни, едни молчат, други реагираат бурно. Молкот не значи дека ништо не се случува, а бунтот пак има патологија зад себе – вели Симеонова.

Таа објаснува дека младите во денешницата се соочени со низа потешкотии. Живеат во еден виртуелен свет и имаат две задачи. Едната задача е да се допаднат на реалниот свет, а другата задача да се покажат и на виртуелниот свет.

– Полесно е да ги разберете девојчињата, момчињата се потешки за разбирање, помалку сакаат да разговараат и некако природно е да плаче девојче отколку да плаче момче. Родителите треба да бидат со синхронизирани ставови и секогаш да го изберат она што е најдобро за нивното дете. Тука мајката ја има клучната улога, ги разбира емоциите на адолесцентот. Најголемите конфликти во семејството настануваат кога мајката апелира дека нешто се случува, а таткото тоа не го препознава – вели докторката.

Камелија Симеонова - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Камелија Симеонова – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Докторката вели дека денешните родители се повеќе свесни за промените со кои се соочуваат тинејџерите денес и дека е надмината стигмата од порано.

– Родителите се посвесни денес, бидејќи порано многу помлади одгледувале тинејџери. Сега поради доцното стапување во брак, мајката често е во климактериум, детето во пубертет и имаме хормонски бури кои се испреплетуваат – вели Симеонова.

Објаснува дека денес и самите тинејџери се многу свесни за периодот кој го поминуваат и сами бараат стручна помош, обично прво разговараме на само, а потоа и со родителите бидејќи адолесценцијата на некој начин е борба за идентитет.

– Многу често се случува додека детето е во пубертет, родителите да се разведуваат. И тоа е една бура, родителите се караат детето се бунтува, но во никој случај не треба да ги игнорираме симптомите на детето, бидејќи родителството доживотно се учи. И од тој аспект, им велам на родителите ако вашето дете е премногу мирно за време на адолесценцијата, тоа не е знак дека вие треба да се радувате, дека имате супер фино дете. Тоа е знак да се прашате, зашто дете не пробува да се оддели од семејната динамика и не се обидува да создаде сопствен идентитет, бидејќи зад молчењето секогаш стои тага – вели докторката.

Камелија Симеонова - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Камелија Симеонова – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Таа им препорачува на родителите да не ги осудуваат своите тинејџери и да не ги споредуваат со времето кога тие биле млади.

– Ќе им кажам на родителите дека овие деца имаат двојна задача, живеат во реален и во виртуелен свет. Не треба да бидеме критички насочени и да не ги осудуваме. Нашиот пристап до децата е клучното решение. Пубертетот е сепак состојба којашто минува, а од неа треба да излезат зрели комплетни личности – вели Симеонова.

За блиска иднина најавува водич за мајки кои се штотуку породени, кој треба да даде одговор на сите прашања на родилките во периодот кога стануваат мајки, да сфатат дека не се сами и единствени и дека она што им се случува го поминале сите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот