Д-р Камелија Симеонова / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Симеонова: И спортисти како Ѓоковиќ имаат психолошка поддршка, децата спортисти полесно се справуваат со стрес

Менталното здравје сѐ повеќе станува клучен дел од спортот, особено кај младите спортисти. Иако долго време во фокусот биле физичката подготвеност и резултатите, денес се покажува дека психолошката стабилност е подеднакво важна за успехот на теренот. За ова утрово зборувавме со д-р Камелија Симеонова, лиценциран специјалист по детска и адолесцентна психијатрија од приватната болница „Аџибадем Систина“, која активно работи на психолошка поддршка на млади спортисти. Идејата за ваков пристап, како што објаснува таа, произлегла од нејзината клиничка работа и научно истражување.

 

-Децата кои практикуваат спорт имаат значително подобра способност да се справат со стресните ситуации без разлика дали станува збор за семејни проблеми или за развојни кризи во пубертетот. Спортот делува како еден вид заштитен фактор – вели Симеонова.

Сепак, и покрај овие придобивки, психолошката поддршка кај спортистите долго време била занемарена тема.

-Кога ги прашував децата дали работат на своето ментално здравје, тоа им звучеше чудно. Но ако ги погледнеме врвните спортисти, како Новак Ѓоковиќ, ќе видиме дека психолошката подготовка е неизоставен дел од нивниот успех – додава таа.

Д-р Камелија Симеонова / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Токму затоа, во рамки на Клиничката болница „Аџибадем Систина“, започнат е волонтерски проект за психолошка поддршка на млади спортисти. Преку работилници, децата учат дека спортот не е само физички тренинг, туку и „умствен тренинг“. Досега се реализирани пет работилници, со групи од околу 30 деца, а секоја сесија трае околу 40 минути.

-Работиме практични вежби и им нудиме нова перспектива. Реакциите се исклучително позитивни, и од децата и од нас како стручни лица – објаснува Симеонова.

Еден од најчестите проблеми што се детектираат кај младите спортисти е ниската толеранција на фрустрација. Поразот, како неизбежен дел од спортот, често предизвикува силни емоционални реакции.

-Голем дел од децата брзо се лутат и остануваат фокусирани на грешката или поразот, наместо на играта што следи. Ние ги учиме како да останат присутни во моментот и да не дозволат една грешка да ја одреди целата нивна изведба – вели таа.

Д-р Камелија Симеонова / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Преку едноставни, но ефективни техники, децата постепено учат да ја контролираат импулсивноста и да ја насочат својата енергија кон подобрување на перформансот. Овие вештини, според Симеонова, имаат долгорочен ефект и надвор од спортот. Посебен акцент се става и на разликата меѓу тимските и индивидуалните спортови. Тимските спортови, како што објаснува таа, развиваат чувство за заедништво, емпатија и одговорност кон групата.

-Децата во тим учат дека секој член е важен. Тие не се копии едни на други, напротив, секој има свои силни и слаби страни. Тоа ја руши стигмата дека тимскиот спорт значи губење на индивидуалноста- посочува Симеонова.

Проектот започнал со млади фудбалери, а во иднина се планира проширување и на други спортови. Првичните резултати се охрабрувачки, особено во делот на развојот на дисциплина и почитување на авторитети.

-Дисциплината што ја носи спортот е нешто што образовниот систем тешко може сам да го постигне. Децата учат да почитуваат правила, хиерархија и тимска работа – додава таа.

Целта на овие работилници не е само подобрување на спортските резултати, туку и развој на здрави личности. Во време кога, како што вели Симеонова, децата стануваат сѐ поимпулсивни и со пониска толеранција на фрустрација, ваквата поддршка е особено важна.

-Модерното родителство носи свои предизвици. Родителите се посветени, но често немаат доволно време. Тоа се одразува врз децата, кои потешко се справуваат со емоциите – објаснува таа.

Покрај работата со спортисти, тимот на Симеонова спроведува и работилници во градинките, насочени кон воспитувачките и негувателките. Целта е да им се помогне подобро да се справат со предизвиците на модерното родителство и однесувањето на децата.

 

-Сè почесто гледаме деца кои имаат премногу слобода дома и потоа тешко се вклопуваат во колектив. Тоа создава сериозни предизвици за воспитувачките – вели таа.

Според неа, клучно е да се препознае кога е потребна стручна помош. Секое однесување не е проблем, но кога тоа влијае на функционирањето на детето, неопходна е интервенција од психолог или психијатар. На крајот, пораката е јасна: спортот е моќна алатка за развој, но без ментална поддршка, неговиот потенцијал останува неискористен.

-Не мора секое дете да стане професионален спортист. Но секое дете може да научи дисциплина, самоконтрола и емпатија. Тоа се вредности што траат цел живот – заклучува д-р Симеонова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот