Бобан Сарџовски - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Бобан Сарџовски - Фото Слободен печат - Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Сарџовски: Роботот не оперира сам, хирург ја води операцијата

Роботската хирургија, која до неодамна изгледаше како научна фантастика, веќе станува реалност и во Македонија. Во приватната болница „Аџибадем Систина“ веќе функционира робот што е произведен од една од водечките кинески компании во светот во оваа област. За самата операција, за нејзиниот тек, за безбедноста на пациентот, но и за тимот кој стои позади секоја операција, зборуваме со доктор Бобан Сарџовски, гинеколог-акушер од „Аџибадем Систина“. Докторот вели дека роботската хирургија е значаен чекор во современата гинекологија. Но појаснува дека пациентите треба да знаат дека роботот не оперира сам.

– Операцијата ја води хирургот, кој го контролира роботот во текот на целата интервенција. Она што роботот ни го овозможува е поголема прецизност, зголемена слобода во манипулацијата и видливост што не може да се постигне со класичните техники, како отворена хирургија или лапароскопија. Имаме 3Д-визија, зголемување до 10 пати и слобода во движењата, што ни дозволува да оперираме и во делови кои изгледаат недостапни – објаснува д-р Сарџовски.

Тој вели дека класичната отворена хирургија (лапаротомија) не нуди толку добро видно поле како роботската хирургија. Лапароскопијата, пак, овозможува зголемување, но е ограничена во одредени движења што ги прави човечката рака. Роботската технологија ги комбинира предностите на двете методи – нудејќи прецизност, видливост и маневрирање што ја прават операцијата поефикасна и поелегантна.

-Ова не е играчка, иако така изгледа. Роботот е екстремно скапа алатка и мора да се користи правилно, бидејќи неконтролирана употреба може да предизвика сериозни проблеми. Се применува во различни области на хирургијата, но секогаш кај строго селектирани случаи и со јасна индикација – додава Сарџовски.

Роботската хирургија најчесто се користи во урологијата, гинекологијата, абдоминалната и детската хирургија, но нејзиниот потенцијал се проширува и во васкуларната, спиналната хирургија и ортопедијата. Со овој метод може да се решаваат и посложени случаи, но секогаш по внимателна проценка.

Бобан Сарџовски - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Бобан Сарџовски – Фото Слободен печат – Методи Здравев

-Не е оправдано да се користи робот за мала циста која може да се реши лапароскопски за 20 минути. Роботската хирургија е наменета за случаи каде што навистина носи бенефит за пациентот – побрза рехабилитација, помала крвозагуба и подобра видливост за хирургот – нагласува тој.

Системот се состои од два дела: оперативен дел со четири роботски раце поставени над пациентот и конзола од која хирургот ги контролира инструментите. За време на интервенцијата, хирургот седи на конзолата и ги управува сите движења, додека асистент и цел тим во операционата сала се грижат за текот на постапката.

Докторот вели дека и покрај напредната технологија, одговорноста останува кај хирургот. Во секој момент постои можност, доколку е потребно, интервенцијата да се продолжи со класична хирургија.
Вели дека во гинекологијата, роботската хирургија се применува за третман на цисти, миоми, хистеректомии, ендометриоза, како и одредени гинеколошки карциноми. Секој случај се разгледува индивидуално, а одлуките често се носат и конзилијарно, со вклучување на повеќе специјалисти.

Предностите на роботската хирургија вклучуваат прецизна визуелизација, поголема слобода на движење, помала загуба на крв и побрзо закрепнување на пациентите. Од друга страна, остануваат предизвиците како што се високата цена, времето за подготовка и отсуството на директен тактилен осет.

Бобан Сарџовски - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Бобан Сарџовски – Фото Слободен печат – Методи Здравев

-Навлегувањето на роботската хирургија во современата медицина е голем чекор за Македонија. Таа овозможува минимално инвазивни интервенции и намален ризик за пациентите. Сепак, конечниот збор секогаш го има хирургот, кој ја носи целосната одговорност – заклучува д-р Сарџовски.

Со оваа технологија, Македонија се приклучува на глобалните трендови во медицината, каде роботите стануваат моќна алатка, но човечката експертиза останува клучна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот