Видео за мито на Онкологија пуштено во судница, на него се слуша „стотка“ и „само нека има терапија“

Видео-снимка на која се слуша како аптекарот од Клиниката за онкологија Калтрин Уштеленца ѝ бара 50 до 100 евра мито на сега починатата пациентка со рак на бели дробови Минка Веизовска за да ѝ даде да прими биолошка терапија „кејтруда“ денеска беше пуштена во судница. „Кејтруда“ е скап имунолошки лек за кој Веизовска била извонреден кандидат.

Оваа биолошка терапија Веизовска морала да ја прима бесплатно бидејќи имала извештај од онколог специјалист, меѓутоа според нејзиното сведочење и според обвинителниот предлог, обвинетиот аптекар ѝ барал поткуп за да заврши работа што бил должен да ја заврши. Во спротивно, како што тврдеше Веизовска, неа ѝ било кажувано дека „терапија ќе нема и ќе биде чувана за друг пациент“.

Видео-материјалот го снимила самата Минка Веизовска на 28 септември 2022 година на својот мобилен телефон. Една година подоцна таа почина.

Во своето последно сведочење еден месец пред да почине, таа на судот му кажа дека не е уверена дека примала терапија, туку дека мисли дека примала физиолошки раствор и покрај тоа што плаќала мито.

На видеото во судница денеска, можеше да се слушне разговор меѓу неа и обвинетиот Калтрин Уштеленца. Оштетената на видеото му вели на обвинетиот „да се договориме колку треба да ти дадам точно“, на што обвинетиот одговара „колку сакаш бе“.

Понатаму во 11 секунда од видеото се слуша гласот на Веизовска која вели „по 50 така?“, па се слуша гласот на обвинетиот „ти кажав јас денеска не си бегај, ти си бегаш“. Веизовска одговара:

Па јас ќе бегав, денеска не носам во мене, на што Уштеленца одговара „ако, другиот пат“.

Во 34 секунда од видеото јасно се слуша гласот на обвинетиот кој вели „стотка“, на што Веизовска одговара „ајде џак, само нека има терапија“.

Овој аудио материјал бил изваден од мобилниот телефон на Веизовска од страна на вработените во крим-техника на МВР.

Повеќе од три месеци поради оваа снимка рочиштата во скопскиот кривичен суд се одложуваа. Одбраната на аптекарот се противеше тие да бидат земени предвид, зашто се снимени тајно, и според адвокатката на обвинетиот Александра Богдановска, со таквиот начин на прибавување на Уштеленца му се кршат уставно загарантираните права. Судот донесе решение со кое сепак ја прифати видео-снимката, со што беше дадено зелено светло таа да се изведе во судница како доказ.

И денеска Богдановска приговараше и побара судот да не ја земе предвид снимката при одлучувањето.

-Снимката не е јасна, од неа не произлегува за што се разговара и меѓу кои лица, бидејќи не се прикажани ликовите визуелно. Сметам дека не е веродостоен доказ, а сето ова поради фактот што гласовите без ликови не се доказ за тоа помеѓу кого се води разговорот. Предлагам судот да не ја земе предвид снимката при одлучувањето, рече Богдановска.

Уштеленца повтори дека не се чувствува виновен за кривичното дело што му се става на товар. Судскиот процес се одолговлечи бидејќи на Апелациониот суд му требаа повеќе од три месеци да одобри снимката од телефонот на Веизовска да се пушти во судница.

Аптекарот Калтрин Уштеленца е обвинет за примање поткуп како лице кое вршело работи од јавен интерес и тоа за две временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто
дело, искористувајќи ист траен однос и исти прилики. Досега во судскиот процес против него, сведочеше и инспектор од МВР кој рече дека „ги зел стоте евра од пациентката, ги ставил во дуксерот и продолжил да јаде бурек за појадок“.

Инаку, за Клиниката за онкологија тече предистражна постапка во Обвинителството поради сомнежи за злоупотреби со терапиите за болните и несовесно работење во службата. Случајот во кој младиот фармацевтски техничар Калтрин Уштеленца е обвинет за примање поткуп, датира речиси една година пред денот кога полицијата влезе во Клиниката и ги заплени сите медицински податоци на пациентите по наредба од обвинител.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот