ВИДЕО | Во Албанија е уапсен Бесим Шерифи – Македонија 18 години го бара за тројно убиство
Македонски државјанин кој бил баран со меѓународна потерница за три убиства во Македонија извршени пред повеќе од 18 години, е уапсен денеска во Тирана.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
-Станува збор за Бесим Шерифи (52), жител на селото Копаница во Општина Сарај, кој подолг период се криел во албанската престолнина, користејќи фалсификувани лични документи на име на државјанин од Косово – соопшти албанската полиција.
Според полицијата, по неколкумесечни истраги и потраги од страна на Дирекцијата на Специјалната оперативна единица, осомничениот бил лоциран во реонот на Суво Езеро во Тирана, каде што бил уапсен со цел екстрадиција.
Проверките покажале дека по Шерифи била распишана меѓународна потерница од Интерпол Скопје, откако Судот во 2007 година му изрекол мерка притвор како осомничен за убиство.
Според надлежните органи, Шерифи е осомничен дека на 5 октомври 2007 година, во селото Копаница во Скопје, со огнено оружје убил тројца луѓе.
-При физичкиот претрес и во станот, кај лицето се пронајдени и одземени еден косовски пасош, косовска лична карта и возачка дозвола, сите фалсификувани, со податоци за државјанин од Косово – се наведува во полициското соопштение.
Се додава дека процедуралните материјали за кривичното дело „Фалсификување исправа“ се упатени до Обвинителството при Основниот суд од општа надлежност во Тирана, за понатамошно постапување.
Постапката за екстрадиција на Шерифи во Македонија е започната.


