ВИДЕО: Винисиус Јуниор навредуван на расна основа во емисија, Реал веднаш реагираше

Винисиус Јуниор има одлични игри во дресот на Реал Мадрид/фото: EPA-EFE/Petteri Paalasmaa

Напаѓачот на Реал Мадрид, Винисиус Јуниор (22), одлично ја започна сезоната, постигнувајќи четири гола на пет натпревари во најсилната шпанска лига.

Бразилски репрезентативец головите ги прославува со танц, што е карактеристично за голем број јужноамерикански фудбалери, односно популарната „самба“.

Во една емисија Винисиус Јуниор поради таквото танцување доби критики од Педро Кастро, претседател на Здружението на шпански агенти.

– Ако постигнете гол и потоа танцувате самба, одете на Самбодром. На теренот мора да ги почитувате колегите и да престанете да се однесувате како „мајмун“ – рече Кастро во емисијата „Ел Чирингито“.

Откако го слушнал зборот „мајмун“, водителот го прекинал неговиот говор и му рекол дека не може така да им се обраќа на луѓето.

Во петокот навечер се огласи и клубот од стадионот „Сантијаго Бернабеу“.

– Реал Мадрид ги осудува сите расистички и ксенофобични испади во светот на фудбалот и спортот, но и во животот воопшто, а особено ги осудуваме коментарите упатени кон нашиот играч Винисиус Јуниор во последните неколку часа. Реал Мадрид сака да ја покаже љубовта што ја има кон Винисиус, фудбалер кој разбира дека единствениот однос кон фудбалот е оној заснован на радост, почит и спортски дух. Фудбалот е најглобален спорт што постои и мора да биде пример кога се во прашање вредностите на соживот. Клубот ги овласти нашите адвокати да покренат правна постапка против секој што ги навредува нашите играчи со расистички испади – соопшти Реал Мадрид.

Винисиус дојде во Мадрид од Фламенго во 2018 година, а минатата сезона на 35 натпревари во шпанското првенство постигна 17 гола и запиша 10 асистенции.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот