ВИДЕО | Уникатно трио: Ова се случува кога ќе се спојат Џамбазов, Пере и Брејк

Никола Перевски – Пере, Дарко Гелев – Брејк и неповторливиот Игор Џамбазов, седнати во лежерна атмосфера, во еден глас ја отпеаја култната „Временска машина“ од групата „Нокаут“.

Овој спонтан настап не е само емотивно навраќање во минатото, туку и официјална потврда дека токму Брејк и Џамбазов ќе бидат дел од специјалните гости на претстојниот концерт.

Во пресрет на концертот на 9 мај, со кој групата „Нокаут“ ќе прослави 30 години постоење на сцената, беше објавено видео во кое трите македонски легенди нè потсетија зошто нивната музика е безвременска.

Овој јубилеј, кој ќе се одржи во салата „Јане Сандански“, не е само обична свирка, туку прослава на три децении македонски поп-рок звук. Брејк и Игор Џамбазов ќе бидат специјални гости, а на концертот ќе се пеат хитовите – од „Фатална опсесија“, преку емотивните балади, па сè до „Временска машина“, песна што стана симбол на една цела генерација.

Видеото кое се појави во јавноста е вистинска најава за она што „Нокаут“ го ветува – вечер исполнета со носталгија, но и со многу енергија.

„Почетоците беа убави, но и тешки, како и кај секој бенд. Имаш многу желба, многу идеи, а малку услови и тогаш сè правиш со срце. На крајот на деведесеттите популарноста беше поинаква од денес. Немаше толку социјални мрежи, па луѓето те запознаваа преку песните, настапите на таа една телевизија и контактот во живо. Тоа беше многу непосредно и многу вистинско“, рече Пере во неодамнешно интервју за „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот