Евакуација на патниците од фериботот Кралица Џенувија 2/Фото: Yonhap News / Newscom / Profimedia

ВИДЕО | Уапсен капетанот на брод со 267 патници, кој удри во карпи во Јужна Кореја – Разговарал по телефон

Капетанот на бродот „Кралица Џенувија 2“, кој се насука на карпи покрај југоисточниот брег на Јужна Кореја во среда вечер, е уапсен откако беше откриено дека разговарал на телефон во времето на несреќата.

Поточно, според информациите од Би-би-си, сите 267 патници (246 лица и 21 член на екипажот) биле спасени од крајбрежната стража, додека 27 лица се здобиле со полесни повреди од судирот во близина на ненаселениот остров Џогдо, покрај брегот на островот Џангсан во округот Синан.

Покрај капетанот на бродот, крајбрежната стража го уапси и првиот офицер на „Кралицата Џенувија 2“.

Во истрагата, капетанот првично го обвини за дефект на управувањето, но подоцна призна дека зборувал на телефон и го пропуштил моментот во кој требало да го промени курсот.

Траектот сега е закотвен во блиското пристаниште. Властите велат дека сè уште ја истражуваат точната причина за несреќата.

Некои патници ја опишаа несреќата на социјалните мрежи.

„Се слушна силен тресок, а потоа бродот се навали. Во соопштение се бараше од сите да облечат елеци за спасување, па ги облековме и чекавме на горната палуба“, рече еден патник, пренесе јужнокорејската новинска агенција Јонхап.

Бродот од 26.000 тони се движел кон пристанишниот град Мокпо откако тргнал од островот Чеџу, соопштија властите.

Областа е близу до местото каде што потона фериботот „Севол“ во 2014 година, при што загинаа повеќе од 300 луѓе, претежно ученици на училишна екскурзија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот