ВИДЕО | „Три желби“ пред збогување: Програма што внесува човечност во најтешките моменти од животот
Во најтешките моменти, кога пациентите се наоѓаат на крајот од животот, малите гестови можат да остават најголемо значење. Токму со таа цел, во болницата „AdventHealth Littleton“ во Колорадо е создадена програмата „Три желби“ (Three Wishes), иницијатива што им овозможува на пациентите и нивните семејства достоинствено и лично збогување.
Препорачано
Проектот е инициран одмедицинските сестри Кармел Бенавидес, Лорен Гано и Грејс Пипин, со финансиска поддршка од фондацијата на болницата. Програмата претставува практика заснована на докази, која му овозможува на медицинскиот персонал да исполни три желби на пациентот и неговото семејство во последните денови од животот, со цел процесот да стане похуман.
Желбите имаат за цел да го одбележат животот на пациентот и да му дадат достоинство на заминувањето. Меѓу најчестите се зачувување на отчукувањата на срцето преку доплер или отпечатен ЕКГ-запис, зачувување прамен коса или отпечаток од прст, како и можност блиска личност да легне покрај пациентот во болничкиот кревет.
Една од најемотивните симболики се платнените срца едното останува со пациентот, а другото му се дава на семејството како траен спомен. Тимот, исто така, со задоволство исполнува и индивидуални желби. Во еден случај, млад пациент кој бил во терминална фаза посакал со сопругата да отвори шише шампањско што го чувале за идна годишнина, желба што болницата помогнала да се реализира.
Од почетокот на проектот во јули 2024 година, исполнети се најмалку 30 желби. Реакциите од семејствата се исклучително позитивни, а благодарноста е огромна. Според медицинските сестри, програмата им помага на блиските да сфатат дека болницата не се грижи само за медицинскиот аспект, туку и за достоинството и човечноста во последните моменти.
Освен што им носи утеха на семејствата, „Три желби“ има значително влијание и врз медицинскиот персонал. Програмата помага во намалување на стресот кај медицинските сестри, овозможувајќи им подлабока поврзаност со пациентите, како и полесно справување со загубата.
Поради големиот успех, иницијативата неодамна е проширена низ целата болница, со цел секој пациент и секое семејство што се соочува со загуба во „AdventHealth Littleton“ да добие исто ниво на поддршка, утеха и достоинствено збогување.


