ВИДЕО | Tинејџерот Литлер нема конкуренција, повторно стана светски шампион во пикадо и заработи богатство
Британската тинејџерска сензација Лук Литлер продолжува да пишува историја во светот на пикадото. Иако има само 18 години, тој успешно ја одбрани светската титула, откако во финалето на Светското првенство рутински го надигра Холанѓанецот Џан ван Вин со убедливи 7-1 во сетови.
Препорачано
Финалниот меч започна со изненадување, бидејќи Ван Вин го освои првиот сет и најави можен отпор. Сепак, тоа се покажа како краткотраен блесок, по што следеше целосна контрола од страна на Литлер. Младиот Англичанец доминираше во продолжението, освојувајќи 21 од наредните 24 гема и без поголема драма го затвори финалето.
Бројките јасно ја отсликуваат разликата во квалитет. Литлер мечот го заврши со импресивен просек од 106,02 поени, паѓајќи под 100 само во последниот сет. Ван Вин, иако солиден со просек од 99,94, немаше реална шанса да ја загрози победата на актуелниот шампион.
Со новата титула, Литлер си обезбеди награда од еден милион фунти, што претставува рекорден износ за победник на Светско првенство во пикадо. Во последните две години, вкупната заработка на младиот ас надмина 2,7 милиони фунти, речиси двојно повеќе од онаа на неговиот најблизок ривал Лук Хамфрис.
Преземено од: Спорт.ком.мк


