ВИДЕО | Собранието како арена за партиски битки, граѓаните најголеми губитници

Фото: Слободен печат/Драган Митревски

Законот за Клинички центар, Законот за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта, Законот за службата во Армијата се само дел од десетиците закони коишто се блокирани во Собранието. Изминативе две години од почетокот на пандемијата, Собранието почесто беше блокирано, отколку што беше функционално.

Новите чекорите што ги превзема ВМРО-ДПМНЕ во насока да се организираат предвремени парламентарни избори, бидејќи „владата на СДСМ лошо ја води државата“, според потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, се обични механизми кои ги дозволува демократијата.

Тој  гостувајќи во централниот Дневник на телевизија Сител изјави дека доколку власта не свика лидерска средба во периодот што следи, опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ги радикализира блокадите.

 – Доколку има силен капацитет во Владата веројатно и ние не би инсистирале толку многу. Ние го почнуваме сето ова сега во пролетта затоа што се плашиме дека доколку остане оваа Влада со овој капацитет во текот на есента и зимата, катастрофа ја чека Македонија – изјави Николоски.

Од друга страна Павле Богоевски, поранешен пратеник и граѓански активист гостувајќи во Утрински брифинг, коментирајќи ја стратегија на активен бојкот на Собранието од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, истакна дека тоа ќе предизвика целосна блокада на државата и директна штетата врз граѓаните.

– ВМРО-ДПМНЕ ја бојкотира Северна Македонија уште од 2016-та година кога не ги признаа резултатите и не дозволи формирање на парламентарно мнозинство со месеци, па знаеме како заврши тоа. Овој активен и официјален бојкот е само признавање на тоа што го прават со години претходно, затоа што Собранието беше блокирано долго време и пред ВМРО-ДПМНЕ да најави дека оди во бојкот, изјави Богоевски.

Во меѓувреме, граѓаните кои ги анкетираше „Слободен печат“ велат дека преку глава им е од политичко пазарење на партиите во име на нефункционални и блокирани институции.

Останува да се види дали работата на Собранието ќе се подобри со дијалогот меѓу опозицијата и власта во деновиве што следи или опозицијата ќе ги радикализира блокадите и протестите. Она што е јасно и извесно е дека граѓаните и државата повторно се ставаат во незавидна позиција со блокирање на работата на институциите и државниот апарат во услови кога земјата се соочува со висока инфлација, економска криза и решавање на круцијални прашања за одблокирање на евроинтегративниот процес.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот