ВИДЕО: „Слободен печат“ влезе во дива ординација за лекување стерилитет на преглед кај доктор без лиценца

Дива ординација во Скопје каде се „лечи“ стерилитет/Фото: Слободен печат

Во нерегистрираната ординација на гинекологот Д.Р. кој нема активна лиценца од Лекарската комора, стигнавме како „пациенти“ кои бараат лекување од стерилитет. Сакавме од прва рака да се увериме дали е точно тоа што претходно нашите извори ни го кажаа – дека доктор Д.Р. во центарот на Скопје, во Капиштец, има нерегистрирана ординација и таму практицира медицина фокусирана на лекување стерилитет.

Изворите, кои претходно биле во тој стан, ни го дадоа и неговиот телефонски број. На влезот од фасадата од црвената висококатница не пречека нешто што требаше да биде знак за ординацијата. Со темно сина боја на цементираниот дел од натстрешницата пишуваше: „Центар за стерил.“. Стигнавме пред станот со две влезни врати. Ѕвончињата беа откорнати од ѕидот и дупките беа облепени со селотејп. Очигледно овде или се спремаат активности за реновирање или намерно се отстранети ѕвончињата. Затропавме на вратата. Од внатре се слушаше нечие присуство. Но никој не отвори. Тргнавме да си одиме и на самиот излез му заѕвонивме на мобилниот на докторот, да го прашаме каде му е преместена ординацијата. Но само што му се обративме со зборовите „Докторе Р. овде е пациентка, каде ви е ординацијата?“, тој ни рече:

– Ајде вратете се, вие бевте тие што затропавте на вратата сега така?

Направивме десетина чекори и вратата се отвори. А со неа се отвори и светогледот кон една нерегистрирана ординација. На креветот веќе лежеше маж, пациент, а изгледаше дека врз него се спроведува интервенција со ласер. Ногата му беше подигната и свиткана на лекарскиот кревет на кој беше послан бел чаршаф, ласерот беше вклучен, а ние, „младиот брачен пар“ бевме упатени во „чекалната“ која беше еден двосед во ходникот од станот.

-Седнете, да завршам со пациентот, има термин закажано, ни рече доктор Д.

Кога се врати не праша што работиме, кој ни го дал бројот од неговиот телефон и не разувери:

„Само да ви кажам дека лекувањето овде е беспари. Ако има деца се плаќа, ако нема ништо не се плаќа. Бог казнил некого да нема деца па и докторот да го казни да му земе пари? Не оди така. Да се ослободите“, ни рече докторот и отиде во собата каде што му е ординацијата.

Од време на време се враќаше во „чекалната“, а ние седевме на каучот. Пред нас се наоѓаше прозорец со намонтирани ролетни, одложен на паркетот и потпрен на ѕидот.

„Пред вас имав мајстори, некои реновирања. Јавувајте се друг пат, кое време сакате тогаш ќе бидете примени. Така ќе биде подобро за вас. Само уште една инјекција да дадам и ќе ве примам“.

Кога си замина пациентот, доктор Д. не покани во неговата ординација. Бокс, стари специјалистички упати на масата, заедно со регистарот на лекови, ѕидови облепени со прикази на репродуктивни системи, медицински кревет прекриен со бел чаршаф, триножно столче, ласер, лавабо, фотографии на ѕидовите од бебиња и една слика со фалангата на Александар Македонски. Првото скенирање на состојбата, го покажа токму тоа.

Чекавме уште пет минути и пред нас се појави лекарот во бел мантил со дупка на едниот ракав поправена со селотејп. И на вратата имаше неколку бели мантили закачени на закачалки.

– Дали носите наоди?

– Не.

– Добро, ќе испитуваме ние.

– А докторе, вие гинеколог сте?

– Гинеколог, со стерилитет претежно се бавам.

– Какви третмани ќе ми правите?

– Ехо, испитувања на хормоните во плодните денови, ако се фоликулите мали ќе испитаме хормони, естрадиол и прогестерон, ако фалат тие ќе мора да додадеме хормони. Во лабораторија ќе ги направите тие испитувања. Јас немам голема лабораторија, правам спермограми, брисеви ама тоа е скапа метода. Значи, ќе направите испитувања на крв, тие резултати ќе ми ги донесете, ќе собереме податоци колку време е планирањето да имате дете и ќе дојдеме до резултат. Со ласер работам јас. Тоа е светло кое ќе ги натера јајниците да создаваат плодни фоликули. Меѓувремено ќе направиме спермограм, трпеливо ни објасни докторот.

Неговото објаснување беше дека има повеќе начини да се работи на плодноста. Прво со исхрана, потоа со хормони со таблети, ласерски. Многу пати повтори дека пари не зема, освен ако нема успешна бременост и упати многу критики за приватните болници кои „не им ја кажувале вистината на пациентките, дека не можат да останат бремени само за да им ги трошат парите на испитувања кои траат со години“.

– Така се работи. Ако има бременост да наплатиш, ако не ништо да не наплатиш. Па да види тој дали година, две, три ќе ја испитува, поентираше докторот.

Ни кажа и дека на некоја пациентка која дошла од Албанија во Македонија ѝ ја кажал вистината, дека нејзините јајници и матка се премногу мали за да зачне па потоа таа се развела и се вратила во Албанија.

– Велам госпоѓо, вистината морам да ви ја кажам и таа се разведе се врати во Албанија. Не завршуваат сите работи идеално. Но вас двајцата ве гледам, колку што се разбирам од конструкцијата на дамите и на господата, мислам дека ќе постигнеме успех. На сто случаи, двајца – тројца има такви. Не сте во таа група, изрази надеж докторот.

Потоа следуваа прашања колку време „сме во брак“, дали нашите браќа и сестри имаат деца, кога бил првиот ден од менструацијата за да ги одреди плодните денови во кои ќе се прават хормонските испитувања, за да знае како да почне.

Имаше и кратко предавање во кое ни објасни дека „со многу војска се стигнува до целта“ алудирајќи на сперматозоидите и предложи на „господинот“ да му направи спермограм, што решивме да го одложиме за следниот преглед кој ни го закажа за петти април во 10 часот и 30 минути. Рече дека е потребно да се види дали му треба помош на ендометриумот, што се постигнувало со ласерски стимулации.

– Ова е ласерот. Ред ласер. Површен. Има вродени точки кај секој маж и кај секоја жена и овој ласер ги стимулира тие центри. Потоа се пренесуваат импулсите до хипоталамусот и хипофизата дава наредба јајниците да создаваат фоликули или ендометриумот да расте. Ласерот сето тоа го решава. Не е ова како „Том и Џери“ ласер, тој што се сече. Овој е површен ласер, ни објасни докторот.

Се пофали дека не памети „кај него да се родило дете со аномалии“ зашто „ја презема сета потребна превентива“ пред да почне да работи со пациентите.

Ни даде упат, од старите специјалистички упати кои веќе не се во употреба и на него го стави својот печат. Испишано на латиница стои: Др. Д.Р. спец. Гинеколог акушер.

Со упатот излеговме низ вратата од станот почнавме да ги прашуваме институциите што знаат за овој човек.

„Во врска со прашањето кое го поставувате ве информираме дека докторот е заведен во регистарот кој го води Лекарската комора, но нема активна лиценца за работа“, ни одговорија од Лекарската комора.

Запрашани од кога лиценцата не е активна, тие ни рекоа дека тоа е така од 15 март 2018 година, што значи дека пет години докторот нема право да ординира.

Во државниот здравствен и санитарен инспекторат, ја затвориле оваа „ординација“ во 2015 година и ја заборавиле. Никој надлежен не се секира дали решенијата за забрана во 2023 година се почитуваат.

„Вонреден инспекциски надзор е вршен во период пред 2015 година, а во врска со акција при што се контролирани ординации по гинеоклогија и акушерство. Притоа е издадено решение за забрана за вршење дејност со оглед на тоа што затекнатото лице Д.Р. не приложил решение за вршење здравствена дејност издадено од Министерството за здравство, изјавија од Државниот здравствен и санитарен инспекторат за „Слободен печат“.

Со оглед на тоа што нашите прашања се однесуваа на периодот подолг од 10 години, инспекторите ни кажаа дека за предмети подолги од 10 години не можат да дадат точен податок бидејќи тие предмети се архивирани и поништени согласно планот за архивско работење и дека ДСЗИ не располага со предмети од трајна вредност.

– За периодот од 2015 година до денес не сме добиле претставка ниту сме вршеле инспекциски надзор од причина што објектот не постои во регистарот на објекти кои имаат дозвола за работа“, велат од инспекторатот.

Правниот сектор од Министерството за здравство појаснува дека регистрација претставува одредено лице да е евидентирано како основач на установа. Тој податок се утврдува во постапка за утврдување услови за основање на установата и во постапката за дозвола за работа.

„Немаме податок дека за лице со тие податоци е издадено решение за основање на ординација како вид приватна здравствена установа во која ова лице има својство на основач. На наведената адреса нема евидентирано издадено решение за установа која врши дејност на биомедицински потпомогнато оплодување, во која како област, спаѓа лекувањето стерилитет“, велат од Министерството за здравство.

Така всушност, во центарот на Скопје, во стан на приземје, скриен од „блаженото незнаење“ на институциите, до ден денешен продолжува да ординира доктор Д.Р. Пациентите му се запишани во син дебел кожен тефтер, каде што впрочем не запиша и нас.

„Слободен печат“ истражувајќи ги наводите до кои дојде од извори познати на редакцијата сака да ги алармира надлежните институции дека постојат диви ординации кои потенцијално на опасност го изложуваат здравјето на граѓаните, кои честопати не знаат дека станува збор за нерегистирани ординации каде се третира многу чувствителна гранка од медицината – стерилитет и последиците може да бидат и психолошки и физички. Со оглед на тоа што државата веќе ја има правно регулирано оваа сфера со регистрации и издавање на лиценци за работа, како и контрола на условите и приходите кои се остваруваат од приватната здравствена пракса, последиците се уште поголеми.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот