Росанка Трајковска, нападната во домот во Челопек фото „Слободен печат“ Методи Здравев
Росанка Трајковска, нападната во домот во Челопек фото „Слободен печат“ Методи Здравев

ВИДЕО | „Слободен печат“ по трагите на серискиот убиец од Кумановско – Мештаните се прашуваат: „Можел ли сам да го смисли планот или имал учител?“

„Тој ми беше аргат, си има мајка и татко и немам ништо со него“, ни рече очувот на осомничениот за серија убиства во Кумановско, сопирајќи го нашиот редакциски автомобил на селскиот пат за да нè прекори што сме дошле, но потоа бегајќи од камерата.

Очув на осомничениот, фото „Слободен печат“ Валентина Живковиќ
Фото „Слободен печат“ Валентина Живковиќ

Качен на трактор напладне, тој беше зафатен со многу работа околу нивите и како што рече, за осомничениот 25-годишник Трајко Б., кому му бил очув, не знае ништо. Не одговори на нашето прашање – како во дворот од семејната куќа одеднаш почнале да се појавуваат скапи предмети, мотор, култиватор и од каде потекнувале тие предмети. Вкупно 17 илјади евра недостасуваат и од куќата на убиената 78-годишна жена во селото Челопек, од каде што почна истрагата што го посочи Трајко како можен сторител на серија убиства врз повозрасни, немоќни жени, кои живееле сами во раздалечени куќи.

Тој сега е во кумановскиот затвор, но многу брзо ќе биде посетен од двајца психијатри и еден психолог, тим назначен да го состави неговиот психолошки профил, целиот животен пат од детството до денеска. И покрај тоа што речиси не зборувал, судско-медицинската евалуација на психичката состојба на осомничениот ќе може да се изврши, со опсервација. Тој зборувал со потешкотии, но сепак завршил средно училиште и функционирал во секојдневниот живот. Кога влегувал во продавница, со рака покажувал што сака да купи, возел велосипед, користел јавен превоз и користел социјални мрежи. Соселаните со кои разговаравме беа децидни – од многу порано осомничениот демонстрирал насилно поведение. Натепал момче во селото.

Следејќи ги трагите на осомничениот за серијата убиства, редакцијата на„Слободен печат“ се соочи со стравот на локалните мештани да зборуваат јавно, бидејќи се плашат дека ќе доживеат одмазда, но и зашто не веруваат во органите на прогонот.

„Ако пријавиш нешто, сам ќе излезеш на крајот виновен“, ни рече една од жените во селото Драгоманце, кое се наоѓа на неколку стотици метри од куќата во која израснал Трајко. 

Сега повеќе смртни случаи од минатото им се враќаат во меморијата на мештаните, заедно со сомнежите дека нивната смрт не е ниту природна ниту случајна. Тука спаѓаат и две жени починати во пожар, во чиј двор биле пронајдени стапки од поголем машки чевел.

Фото „Слободен печат“ Валентина Живковиќ
Којнски мост, село Челопек, фото „Слободен печат“ Валентина Живковиќ

Откако протекоа снимки од приватна безбедносна камера на куќа, каде се гледа дека крупно машко лице ноќе неуспешно се обидело да влезе во домот на постара жена што живеела сама, дошол и вториот сомнеж: Токму во куќата од спроти, пред некое време починала друга постара жена и била закопана како да се работи за природна смрт. Дали било така? Дали осомничениот Трајко Б. можел сам да оперира во повеќе куќи од неколку околни села, раздалечени во километарско растојание, со оглед на тоа што се работи за села од разбиен тип и како можел самиот да ги таргетира само оние во кои имало сами, повозрасни жени? Во целата околина на четирите села Старо Нагоричане, Малотино, Драгоманце и Челопек, барем 10 пати при нашата посета различни луѓе го споделија истиот свој сомнеж – убиецот можеби не бил самиот мозокот на подмолниот поход и можеби имал „учител“. Докази за ова од истрагата нема и засега ова е само шпекулација на жителите кои живеат под тешка траума.

Куќата на Росанка Трајковска, во која била сурово нападната и измачувана, фото „Слободен печат“ - Валентина Живковиќ
Куќата на Росанка Трајковска, во која била сурово нападната и измачувана, фото „Слободен печат“ – Валентина Живковиќ

Дека траумата е свежа покажува тоа што во куќите на убиената 78-годишна жена од селото Челопек и во куќата на нападнатата и преживеана Росанка Трајковска веќе се монтирани камери за видеонадзор. На лице место екипа од приватна компанија што ги монтираше камерите и аларм-системите ни рече дека ова им е деветта камера што ја инсталираат за три дена.

Полицијата навечер патролира со засилено темпо за да внесе мир и сигурност кај мештаните, но откако тие дознале дека младата 35-годишна девојка Марија Маринковска, која починала од насилна смрт била закопана без обдукција, довербата во полицијата не е на високо ниво. Барем од она што ни го кажаа локалните жители, тие се сомневаат дека Трајко Б. уживал премолчена заштита од полицијата, а таквите сомнежи ги црпат од фактот што бил пријавуван за напад на старица и за кражби и пуштан дома веќе следното утро, слободен да го продолжи она што го започнал.

И покојната 35-годишна Марија Маринковска го пријавувала дека ја следи,  не лично, туку преку нејзиниот татко Зоран Маринковски, но пријавата не ја заштити. Најверојатно Трајко Б. ја познавал зашто работела како овчарка во неговото семејство пред години. Непосредно пред да почине, Марија му се јавила на брата си да му каже дека некој ѝ тропа на вратата и дека многу се плаши.

Маринковска починала пред еден месец, без да се испитаат причините за смртта, иако жртвата од половината надолу била гола, а на телото имало и траги од крв. За неа не била побарана обдукција, семејството слушнало дека испила неколку пива и добила удар. Но, еден месец подоцна беше наредена ексхумација на нејзиното тело.  Судска медицина потврди дека нејзината смрт е насилна. Има непотврдени информации дека осомничениот го признал убиството врз неа, па затоа била направена ексхумација. Марија ја пронашле соседи, покриена со јамболија и гола од половината надолу. Нејзиниот татко Зоран Маринковски вели дека се сомнева оти била задушена со јамболија.

Од куќата на 78-годишната жртва во Челопек пак, недостасуваат над 15 илјади евра, а во домот на осомничениот за серија убиства пронајдени биле скапи предмети  – мотокултиватор и мотор за кои се испитува дали може да се поврзат со кривично дело.

Сериски убиец од Старо Нагоричане - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Куќата во која последните 20 години живеел осомничениот во селото Малотино, општина Старо Нагоричане – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Единствениот кој говореше пред нашата камера е синот на преживеаната Роска, 86-годишна жена која после нападот е во многу тешка состојба. Два дена поминала во болница но сега е дома неспособна да стане и во огромни болки. Завојот на ребрата, тешкото дишење, искривените прсти на рацете, набиениците и модриците сите сведочат за големата борба што ја водела со суровиот напаѓач среде бел ден, кога тој влегол низ влезната врата и почнал да ја измачува.

-Многу ме измачи, многу ме тепаше, ни рече таа.

Фото „Слободен печат“ Валентина Живковиќ
Росанка Трајковска, нападната во домот во Челопек фото „Слободен печат“ Валентина Живковиќ

Росанка Трајковска за „Слободен печат“ го раскажа траорниот напад, среде бел ден напаѓачот влегол дома кај неа, ја прекрил со ќебе врз главата, по што продолжил да ја удира насекаде. Со едната рака ја држел за вратот, со другата ѝ го стискал лицето и окото кое прокрварило. Ја тепал по главата и ребрата, ја допирал и стискал по целото тело, а си заминал дури кога мислел дека е почината.

-Ја чув вратата, влезе. Ќебињата па на глава. Ме покри. Не можев да видам кој е и не зборуваше. Почна да удира колку сака и колку може. Ми ги зема нозете и ми ги крена нагоре. Јас сум жена на 86 години, почна да ме притиска по целото тело, да ме удира по нозете. Сега веќе нозете не ме држат. Кога му дојде ќеф, виде дека ме умртви, виде дека не можам да мрдам, да се бранам и избега. Тој е познат, не е некој далечен, некој од блиску е, рече Росанка за „Слободен печат“. 

Куќата на Росанка Трајковска во селото Челопек, Фото „Слободен печат“ Валентина Живковиќ
Куќата на Росанка Трајковска во селото Челопек, Фото „Слободен печат“ Валентина Живковиќ

Нејзиниот син Јовица Трајковски вели дека додека бил на работа мајка му била нападната од крупен човек кој ја стискал за вратот, ја допирал по целото тело, ја притискал, ѝ го повредил окото кое ѝ било крваво и на него сега не може да гледа. Но, кога слушнал шум се исплашил и избегал и само тоа за Роска била границата меѓу животот и смртта. Трајковски не е сигурен дека осомничениот би можел да функционира сам, се сомнева дека некој можеби му ги давал инструкциите. Од полицијата и инспекторите не е задоволен, затоа што осомничениот бил многу пати пријавуван и не бил соодветно процесуиран. Шокиран е што инспекторите од Куманово барале неговата мајка која преживеа суров напад,  да дојде со физичко присуство во станица, иако е сосема очигледно дека не може да стане од кревет ниту да се напие вода самата без помош.

– Има полиција, ама некако не си ја вршат работата како што треба. Петпати доаѓа крим-техника и бараат да ја однесам мајка ми кај началникот во Куманово. Таа не може да стане. Ме прекоруваат зошто давам изјави за медиуми. Но јас имам сомнеж дека осомничениот не можел сам ова да го спроведува. Не би можел сам ова да го смисли. Напаѓа стари жени, ги ограбува и си заминува како ништо да не се случило. Слободно се шета, си вози велосипед, вели Трајковски.

Јовица Трајковски, син на нападнатата Росанка Трајковска која преживеала, фото „Слободен печат“

Според него МВР и докторите се кабает затоа што 35-годишната Марија Маринковска била закопана без обдукција.

-Полицијата и докторите. Треба да се констатира од што е смртта. Ама во оваа држава немаме систем, рече тој.

Од Основното јавно обвинителство Куманово велат дека тие заедно со сите надлежни институции и органи преземаат голем број дејствија за обезбедување докази за целосно расчистување на настанот.

Осомничениот е во кумановскиот затвор, а се чекаат и ДНК резултатите од извршената обдукција на помладата жртва.

Во текот на оваа сложена постапка се вршат распити на лица, а ќе бидат обезбедени и сите други потребни докази за целосно расчистување на случајот, но во оваа фаза од постапката, во интерес на истрагата, не може да се споделуваат повеќе детали, соопштија од Обвинителството. 

Росанка Трајковска, нападната во домот во Челопек фото „Слободен печат“ Методи Здравев
Росанка Трајковска, нападната во домот во Челопек фото „Слободен печат“ Методи Здравев

Малата средина на Старо Нагоричане, заедно со нејзините жители се во траума и во шок, затоа што не паметат нивното мирно и предвидливо секојдневие да било друг пат на сличен начин дисторзирано. Жителите во селските продавнички го разгледуваат неговиот профил на социјалната мрежа тикток, додека тие што имаат повозрасни членови на семејството ги повлекуваат во градските средини, да не останат сами на село. „Слободен печат“ во Министерството за внатрешни работи постави прашања дали имаат почнато внатрешна постапка да утврдат дали имаат пропусти во смисла на тоа некои од убиствата да се погрешно преставени како природна смрт и дали полициски службеници се под истрага за тоа. Одговори до објавувањето на овој текст не добивме, иако поминаа три дена.

Дополнување: Два часа по објавувањето на текстот од МВР добивме одговор дека поради тоа што истрагата уште е во тек за подетални информации јавноста ќе биде дополнително известена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот