ВИДЕО | Седум години собирал лименки и шишиња и заштедил за депозит за куќа
Неверојатна приказна доаѓа од Австралија, каде што еден човек ја претворил својата навика за рециклирање во животен проект и го остварил својот сон да поседува сопствен дом. Дамијан Гордон со години собирал фрлени конзерви, не само чистејќи ја животната средина, туку и заштедувајќи пари за депозит.
Во изминатите седум години, 36-годишникот од централниот брег на Нов Јужен Велс го посветувал своето слободно време на собирање амбалажа од плажи, паркови и јавни простори. Она што започнало како начин за заработка на џепарлак брзо се претворило во мисија да докаже дека дури и малите акции можат да доведат до големи резултати.
Препорачано
Во 2017 година, Гордон почнал да собира шишиња и лименки како дел од австралиската програма „Врати и заработи“, која нуди поврат од 10 центи за секој соодветен сад. На почетокот тоа било само дополнителен приход, но со текот на времето лименките се натрупувале, а со нив и парите. До 2024 година, тој собрал повеќе од 450.000 парчиња амбалажа и заработил околу 46.000 австралиски долари (25.990 евра) доволно за депозит за куќа со две спални соби.
– Дури и не забележав колку се акумулирало – изјави тој за ABC News.
Парите стоеле на неговата банкарска сметка сè додека не ја финансирал добитната понуда за имотот што со љубов го нарекува „мала стара рибарска колиба“. Скромната крајбрежна куќа сега е негов дом, награда за неговото трпение и упорност. Голем дел од успехот на Гордон доаѓа од волонтирање на музички фестивали. Австралија е домаќин на стотици вакви настани секоја година, генерирајќи огромни количини отпад, а за Гордон, ова беа златни можности. За само неколку дена, тој успеа да собере илјадници конзерви додека уживаше во фестивалската атмосфера.
– Смешно е, запознав толку многу познати музичари само со чистење на сцената – рече тој.
За Гордон, рециклирањето не е само бизнис, туку начин на живот. Како дете, тој често посетувал продавници за половни работи со мајка му, што ги обликувало неговите вредности. Денес, неговиот дом е делумно опремен со рециклирани парчиња што ги наоѓал додека чистел, докажувајќи дека одржливоста и креативноста одат рака под рака.
Неговите напори носат и моќна порака.
– Живееме во такво општество за еднократна употреба. Едноставно има толку многу работи што луѓето ги користат еднаш и ги фрлаат – рече тој.
За него, рециклирањето е помалку за пари, а повеќе за подигање на свеста за грижата за заедницата и животната средина. Иако почнал да ја отплаќа хипотеката, тој продолжува да собира лименки, решен да продолжи да прави добро за животната средина.


