ВИДЕО | Се појави нова бизарна снимка од стравичната трамвајска несреќа во Сараево
Амбасадата на САД минатата недела им ги отстапила на надлежните институции во Сараево снимките од видеонадзорот на кои е забележан моментот на трамвајската несреќа во Сараево, објави „Радио Сараево“.
Препорачано
„Обвинителството на Кантонот Сараево потврдува дека поседува снимка од видеонадзор и дека таа, заедно со други видеозаписи, е прегледана во рамки на истрагата што се води по предметниот случај. Со оглед на фазата во која се наоѓа предметот, а согласно законски предвидената заштита на кривичната истрага, во овој момент не сме во можност да Ви дадеме повеќе информации,“ нагласија од Обвинителството на Кантонот Сараево.
Обвинителството на Кантонот Сараево оваа снимка ја побарало веднаш по несреќата, но Амбасадата на САД, која воопшто не била ни должна да ја достави, по протоколарни дипломатски активности, пред неколку дена го доставила видеозаписот до Обвинителството на Кантонот Сараево за вештачење.
Токму снимките од видеонадзорот на Амбасадата на САД во БиХ треба да дадат најјасна слика за движењето на трамвајот бидејќи тие камери ја покриваат целата траса на трамвајската пруга од Железничката станица до музејот, каде што се случи страшната несреќа во која загина Ердоан Моранкиќ.
За потсетување, кон крајот на февруари главната кантонална обвинителка Мелиха Дугалија на прес-конференција на 25 февруари изјави дека во тој момент снимката од Амбасадата на САД сè уште не е преземена, бидејќи станува збор, како што наведе, за посебен вид дипломатска комуникација, но дека се очекува соработка.
— Во моментов се вршат прегледи и анализи на собраните видеоснимки од околните објекти во однос на местото на настанот, а во тек е прибавувањето на снимката од видеонадзорот од зградата на Амбасадата на САД — додаде тогаш Мелиха Дугалија.
Соработката на крајот е реализирана и сега обвинителите, покрај снимките од Техничкото училиште, зградата на „БХ Телеком“ и музејот, имаат и видеонадзорни снимки од објектот на Амбасадата на САД.
Од Обвинителството на Кантонот Сараево кон крајот на февруари соопштија дека по форензичката обработка на хард-дискот од трамвајот е утврдено дека последната забележана снимка од кабината на трамвајот е од 29 ноември 2025 година.
По првичната снимка од несреќата која беше снимена од автомобил што стоел на семафор во правец кон градот, во медиумскиот простор во БиХ беше објавена нова снимка од друг агол, забележана од камерите на Национален музеј на Босна и Херцеговина во Сараево.
На оваа нова снимка се гледа патеката на движење на трамвајот од Железничката станица кон градот, неговото свртување во кобната раскрсница и потоа излетувањето од шините.


