ВИДЕО: Реал Мадрид водеше со 3-0 против Селта, па стравуваше за победата
Фудбалерите на Реал Мадрид славеа со 3-2 во 34. коло од шпанската Ла Лига против Селта Виго и ги задржаа шансите за освојување на шампионската титула. Четири кола пред крајот, „кралевите“ имаат четири бода помалку од лидерот Барселона, а следниот викенд ги очекува „Ел Класико“. Победа на „Камп Ноу“ е единствениот пат за Реал да остане во трката за трофејот.
Препорачано
Иако натпреварот започна идеално за мадридскиот гигант, заврши далеку понеизвесно од очекуваното. Арда Ѓулер го отвори резултатот во 33. минута, а само шест минути подоцна Килијан Мбапе постигна вистински еврогол по брза контра и зголеми на 2-0. Со тој резултат се замина на полувреме.
На самиот почеток на второто полувреме, повторно Мбапе се запиша и вторпат во листата на стрелците и со третиот гол за Реал ја потврди доминацијата на домаќините во тој период.
Но, Селта одби да се предаде. Хавиер Родригез го намали резултатот, а потоа и Вилиот Сведберг ја врати неизвесноста во натпреварот. Реал во завршницата мораше да се брани за да ги задржи трите бода и на крајот успеа да избегне реми.
Со оваа победа, Реал останува во трката за титулата, но сега сè зависи од „Ел Класико“. За да останат во игра, на Мадриѓаните им е потребна победа против Барселона, а потоа ќе мора да се надеваат и на нов кикс на каталонскиот тим во преостанатите три кола.


