
ВИДЕО | Протестираа средношколците: Ние сме најоштетена генерација, барем да се скрати материјалот за државна матура
Средношколците денеска излегоа на протест пред МОН со барање да се скрати испитниот материјал на полагањето на државната матура или да се намали бројот на интерни испити. Протестот на Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците и студентите (ОДОС) го поддржаа и студенти од движењето „Студентски отпор“ кои ги актуализираа нивните проблеми.
Препорачано
Анисија Угриновска од ОДАС изјави дека нивното главно барање е да биде скратен материјалот предвиден за матурата со оглед на сето тоа што, рече, оваа генерација матуранти го поминала во изминатите четири години.
-Поминавме низ онлајн-настава, дојави за бомби, штрајкови на професори коишто ги поддржавме, низ штрајкови на ЈСП кои го отежнаа доаѓањето на учениците во училиште. Сите овие фактори дефинитивно ќе влијаат на полагањето на државната матура. Ние сме најоштетена генерација и не сме имале една цела непрекината учебна година. Кажано ни е дека има скратен материјал, но ние немаме увид. Очекуваме средба со министерот Шаќири и таа ни е најавена за денеска, изјави Угриновска.
Барањето за скратување на материјалот, како што рече, е ефективно за сите и ургираат тоа барање побрзо да биде исполнето бидејќи полагањето на матурата почнува на 27 мај. Скратувањето на испитниот материјал им е главно барање, а намалување на бројот на интерни испити е алтернативен предлог доколку не им биде исполнето првото барање.