ВИДЕО | Пребегнатиот член на „Вагнер“: Пригожин е луд, ќе го убијат неговите кога сето ова ќе заврши

Фото: France 24 / printscreen

Француската државна телевизија „Франс24“ разговараше со Андреј Медведев, пребегнатиот член на руската платеничка воена група „Вагнер“, два месеца откако тој побегна во Норвешка.

26-годишниот поранешен руски платеник илегално влегол во скандинавската земја на 13 јануари, сакајќи да побара азил. Говорејќи од Осло, Медведев објасни дека „бил сведок на многу работи“ додека се борел со „Вагнер“ во Украина. Сепак, тој рече дека не може да зборува за нив подетално и дека овие информации ги чува за норвешките истражители.

Медведев во обраќањето му се извини на целиот украинскиот народ за неговите и акциите на „Вагнер“ во земјата.

Русинот, кој се борел со паравоената група во Украина меѓу јули и ноември 2022 година, побегна во Норвешка откако ги напушти редовите на „Вагнер“. Тој за француската телевизија изјави дека тоа го направил поради „методите“ и „наредбите“ на командантите на Вагнер. Според поранешниот платеник, луѓето биле испратени да се борат во Украина како „топовско месо“.

Тој рече дека ризикувал да избега и покрај тоа што знаел дека дезертерите од „Вагнер“ трпат „многу, многу сериозни последици“, како што е егзекуцијата на еден од нив со чекан, грозоморна сцена што припадници на „Вагнер“ ја снимија и ја објавија во ноември.

Медведев го нарекува Пригожин „луд“, велејќи дека првиот човек на „Вагнер“ „мисли дека може да прави што сака“.

„Кога целиот овој приказ, спектакл, ќе заврши, мислам дека неговите ќе го убијат“, предвидува тој.

Сепак, тој додаде дека Пригожин продолжува да го слуша рускиот претседател Владимир Путин, а во спротивно повеќе нема да биде таму. Медведев, сепак, рече дека е „изненаден“ од неодамнешните јавни изјави на Пригожин, кои вклучуваат осуда за недостатокот на логистичка поддршка и муниција.

Поранешниот платеник му се извини на украинскиот народ „што бил дел од ова“. Сепак, тој инсистираше на тоа дека луѓето во Русија, кои се жртви на провоената „пропаганда“, не треба да се мешаат со руските лидери кои одлучија за оваа војна.

Тој се надева дека ќе добие азил во Норвешка. Медведев рече дека ако биде вратен во Русија, барем „ќе ја зборува вистината“ и дека е „подготвен да ја плати цената за тоа“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот