ВОЗНЕМИРУВАЧКО ВИДЕО: Член на „Вагнер“ наводно убиен со токмак од бившите колеги, пребегал на украинска страна

Фото: Телеграм/принтскрин

На социјалните мрежи кружи видеоснимка чија автентичност засега не може да се потврди, на која наводно се гледа погубувањето на член на руската платеничка група „Вагнер“. Тој, според тврдењата, преминал да се бори на украинска страна, јавува „Ројтерс“.

Човекот, кој на снимката се претставува како Евгениј Нижин, според руските независни медиуми е затвореник кој летово бил регрутиран да се бори за руската платеничка група. Според американски извори, „Вагнер“ ангажирал преку 1.500 осуденици од руските затвори да се борат во Украина, под ветување дека ќе им бидат укинати затворските казни. Организацијата „Гулагу“ бара од украинскиот претседател Володимир Зеленски да објасни како убиениот војник бил пронајден и одведен од Украина.

На видеото се гледа како непознат војник го удира со токмак Нижин додека тој зборува, а потоа го удира уште еднаш. Предупредуваме дека снимката е вознемирувачка и може да предизвика трауми кај дел од читателите.

Според информациите објавени заедно со видеото на „Телеграм“, Нижин пребегал на украинска страна на почетокот на септември, а само две недели подоцна, членови на групата го пронашле во Киев и го одвеле на непозната локација, каде бил егзекутиран од негови поранешни воени колеги.

Запрашан за коментар околу објавената снимка, првиот човек на „Вагнер“, бизнисменот и соработник на Путин, Евгениј Пригожин, даде застрашувачки и невкусен одговор, во кој се потсмева со убиениот човек.

„Видеото би требало да се вика „Куче умира како куче“. Величествена продукција, се гледа во еден здив. Се надевам дека ниту едно животно не е повредено за време на снимањето“, порача Пригожин преку неговата портпаролка.

Рускиот независен медиум „Новаја Газета“ пред неколку години објави снимки на кои се гледа како припадници на „Вагнер“ со чекан убиваат затвореник во Сирија, му ја сечат главата и му го палат телото.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот