ВИДЕО | Повторно се чисти депонијата кај СЦ „Борис Трајковски“, за која Лукровски во отчетот се пофали дека е отстранета
Од самоуправата соопштија дека иако веќе еднаш општинските комуналци ја исчистиле депонијата, а потоа поставиле рампа со знак за забранет влез и забрането фрлање на отпад, кратко по поставувањето, рампата била откорната и оваа локација продолжила да биде „мета“ на несовесните граѓани, кои овде депонираат секаков тип отпад – тековен, кабаст и градежен.
Откако градоначалникот на Карпош, Сотир Лукровски, во неговиот отчет за првите 100 дена од мандатот изјави дека е целосно исчистена депонијата кај СЦ „Борис Трајковски“, а потоа граѓаните го „искараа“ и му посочија дека на таа локација сè уште има огромни ѓубришта, од Општината информираат дека Лукровски заедно со директорот на СЦ „Борис Трајковски“, Данијел Апостолоски, вчера биле на увид на повторното чистење на дивата депонија сместена на големата зелена површина во близина на спортскиот комплекс.
Препорачано
Пред месец и пол, Општината започна со чистење на оваа депонија и информираше дека е поставена рампа за спречување на несовесните граѓани кои постојано на зелената површина депонираат секаков тип на отпад, а чистењето на оваа депонија се најде и во отчетот на градоначалникот Сотир Лукровски за сработеното досега од почетокот на мандатот.
Во првите 100 дена се расчистени диви депонии на повеќе локации, целосно е исчистен просторот кај СЦ „Борис Трајковски“, а на потегот кај „Скупи 5“ и кон Бардовци се подигнати над 3.500 кубни метри отпад – посочи градоначалникот на Карпош.
Токму овој дел од отчетот предизвика реакции на граѓани на социјалните мрежи, кои со фотографии го демантираа тврдењето дека депонијата е исчистена.
-Почитуван градоначалник, пред три дена се пофаливте дека е исчистена дивата депонија кај СЦ „Борис Трајковски“, дека се отстранети 3.500 метри кубни смет. Ако вас ве излажале вашите соработници не знам зошто вие свесно или несвесно кажувате невистини. Еве ја фактичката состојба на 2.03.2026 година. Не е чепнато ништо – напиша жител на Карпош во фејсбук-групата „Општина Карпош-пријави проблем“, објавувајќи повеќе фотографии од „исчистениот“ простор“.
Од самоуправата соопштија дека иако веќе еднаш општинските комуналци ја исчистиле депонијата, а потоа поставиле рампа со знак за забранет влез и забрането фрлање на отпад, кратко по поставувањето, рампата била откорната и оваа локација продолжила да биде „мета“ на несовесните граѓани, кои овде депонираат секаков тип отпад – тековен, кабаст и градежен.
За таа намена Општина Карпош постојано го чисти овој простор, но за поголема ефикасност ја огради локацијата на која постави и рампа со официјално известување за забрана на одложување на отпадот. И покрај сите апели на локалната самоуправа за одржување на чистата околина, несовесни граѓани ја отстраниле рампата и продолжиле да го одложуваат отпадот на таа локација, по што општината веднаш реагираше со детална акција за расчистување на просторот- информираа од Општината.
Оттаму при првото чистење на депонијата дури најавија и дека општинските инспектори будно ќе следат и ќе превенираат случаи на несовесно фрлање отпад и дека ќе казнуваат согласно своите надлежности и законски прописи. „Слободен печат“ испрати прашања до локалната самоуправа дали досега имаат санкционирано граѓани кои биле затекнати како незаконски депонираат отпад на ледината зад СЦ „Борис Трајковски“, но оттаму до објавувањето на овој текст не добивме одговор.
По вчерашниот увид, во соопштението од Општина Карпош се вели дека проблемот со дивата депонија не е нов и се провлекува низ годините, а Лукровски и Апостолоски разгледуваат предлози за трајно чистење и заштита на зелената површина од нелегално депонирање отпад.


