Карпошанин до Лукровски: Ако ве излажале, немојте и вие со невистини – не е исчистена депонијата кај СЦ „Борис Трајковски“
Комуналците на Општина Карпош започнаа со расчистување на депонијата лоцирана до СЦ „Борис Трајковски“, а се постави и рампа за да не влегуваат камиончиња и да истураат шут и друго ѓубре на просторот, се пофалија од Општина Карпош пред месец и пол.
Препорачано
Оттаму тогаш дури најавија и дека општинските инспектори будно ќе следат и ќе превенираат случаи на несовесно фрлање отпад и дека ќе казнуваат согласно своите надлежности и законски прописи.
Чистењето на оваа депонија се најде и во отчетот на градоначалникот Сотир Лукровски за сработеното досега од почетокот на мандатот.
Во првите 100 дена се расчистени диви депонии на повеќе локации, целосно е исчистен просторот кај СЦ „Борис Трајковски“, а на потегот кај „Скупи 5“ и кон Бардовци се подигнати над 3.500 кубни метри отпад – посочи градоначалникот на Карпош.
Токму овој дел од отчетот предизвика реакции на граѓани на социјалните мрежи.
Почитуван градоначалник, пред три дена се пофаливте дека е исчистена дивата депонија кај СЦ „Борис Трајковски“, дека се отстранети 3.500 метри кубни смет. Ако вас ве излажале вашите соработници не знам зошто вие свесно или несвесно кажувате невистини. Еве ја фактичката состојба на 2.03.2026 година. Не е чепнато ништо – напиша жител на Карпош во фејсбук-групата „Општина Карпош-пријави проблем“, објавувајќи повеќе фотографии од „исчистениот“ простор“.


