ВИДЕО: Потпишан договорот, Штип ќе добие модерен стадион!

За една година, Градскиот стадион во Штип ќе добие целосно нова западна трибина со капацитет од 2400 места и со поттрибински простори.
Раководството на Фудбалската федерација на Македонија предводено од претседателот, Муамед Сејдини и потпретседателот, Лазар Ракиџиев официјално со в.д. градоначалникот на општина Штип, Јане Миланов го потпишаа договорот за изградба на западната трибина на Градскиот стадион и реконструкција на стадионот во Штип.

Во претходно претставениот основен проект за новата западна трибина на стадионот во Штип, а финансиран од Фудбалската федерација на Македонија преку програмата „Хет-Трик 5“ на УЕФА, предвидено е западната трибина која целосно е обврска на ФФМ да има капацитет од 2.400 места за седење, ВИП ложа, простор за медиуми и за лица со инвалититет, а во поттрибинскиот простор соблекувални и простории за службени лица по стандардите на УЕФА и ФИФА.
Преку овој проект, новиот стадион во Штип нѐ само што ќе стане вистински фудбалски дом за штипската гордост, ФК Брегалница, туку би бил прилика и за македонската репрезентација да биде домаќин на важни квалификациски натпревари.
– За една година градскиот стадион во Штип ќе добие целосно нова западна трибина со капацитет од 2400 места и со поттрибински простори. Секако, општина Штип ќе инвестира и во реконструкција на источната трибина, така што Штип ќе добие модерен стадион каде што ќе може да настапува и нашата репрезентација. Во изминатиот период правиме големи работи за фудбалската инфраструктура во нашата држава, а еден од важните центри е Штип. Допрва следува најважниот дел, но се надевам дека се ќе се одвива според предвидената динамика и на крајот ќе бидеме горди на новиот стадион во еден од најфудбалските градови во нашата држава – изјави Муамед Сејдини, претседателот на ФФМ.