Илустрација за неандерталец / Фото: Bart Maat / AFP / Profimedia

ВИДЕО | По 40.000 години тишина: Научниците реконструираа како зборувале неандерталците, ова мора да го слушнете!

Дали некогаш сте се запрашале како звучеле неандерталците или нашиот далечен предок Хомо еректус? Дали нивните гласови личеле на човечки говор, каков што го знаеме денес, или повеќе потсетувале на гласови на животни?

Благодарение на современите истражувања и напредните биомеханички модели, научниците успеаја да ги реконструираат можните звуци и начинот на комуникација на древните човечки видови, кои одамна исчезнале.

Реченици со јасна структура

Резултатите од овие истражувања откриваат како нашите далечни роднини можеби зборувале, но и на кој начин меѓусебно комуницирале. Она што изненадува многумина е фактот дека некои од тие гласови можеби звучат многу попознато отколку што очекувавме.

Најстариот познат вид хоминид, Australopithecus afarensis, се појавил пред околу 3,2 милиони години – долго пред да се развие сложениот говор што го знаеме денес.

Според проценките на научниците, овие рани хоминиди не користеле реченици со јасна структура и граматика. Нивната комуникација веројатно била поблиска до звуците што ги произведуваат шимпанзите денес отколку до современиот говор на човекот.

Тоа најверојатно биле кратки крици, предупредувачки сигнали или едноставни звуци што означувале емоции и основни потреби.

 

„Заедничка основа за разбирање“

Меѓутоа, како што човечкиот вид еволуирал, способноста за комуникација станувала посложена. Кога неандерталците се појавиле пред околу 50.000 години, ситуацијата веќе била значително поинаква.

Д-р Џејмс Кол, експерт за еволуција на јазикот од Универзитетот Брајтон, верува дека нашите предци и неандерталците можеле да комуницираат едни со други.

„Постоела одредена заедничка основа за разбирање. Сме морале да бидеме способни да комуницираме“, објасни тој.

Реконструкциите на звуците на древните луѓе се резултат на работата на д-р Амелија Вијалет од Националниот музеј за природна историја во Париз, која работела со тим истражувачи. Нивната задача била исклучително тешка – најголемо влијание врз говорот имаат меките ткива (како што се мозокот, јазикот и гркланот), а тие речиси никогаш не се зачувуваат во фосилите.

Сепак, научниците пронашле начин да го заобиколат овој проблем, објавува „Дејли мејл“.

Математички симулации

На коските на древните луѓе биле пронајдени мали „отпечатоци“ кои откриле каде се наоѓале одредени органи и каква форма имале. Врз основа на овие траги, можно е да се процени:

– големината и обликот на гркланот (гласните жици);

– положбата на белите дробови;

– начинот на кој јазикот можел да се движи;

– големината и важноста на одредени делови од мозокот.

Овие информации се користат за креирање биомеханички модели – математички симулации кои покажуваат како телото некогаш функционирало.

Со комбинирање на овие модели со археолошките докази, научниците можат, како што објаснува д-р Вијалет, „внимателно да замислат“ како звучеле нашите древни предци.

„Звучеле поназално“

Неандерталците се еден од последните човечки видови што живееле заедно со современиот човек, Homo sapiens. Овие два вида коегзистирале илјадници години, а археолошките докази покажуваат дека тие често се среќавале, па дури и имале интимни односи.

Сепак, поради физичките разлики во структурата на телото, нивниот говор не би звучел потполно исто како нашиот. Професорот Стивен Митен од Универзитетот Рединг објаснува:

„Неандерталците звучеле поназално поради нивните големи носеви, можеле да зборуваат погласно, можеле да зборуваат подолго без да земат здив поради нивните големи гради и голем капацитет на белите дробови.“

Кога станува збор за комуникацијата меѓу неандерталците и нашите предци, тој вели:

„Комуникацијата би била слична на онаа кога денес разговараме со луѓе кои зборуваат друг јазик – користејќи гестови, изрази на лицето и основни зборови“.

Јазикот на Homo erectus веројатно бил многу едноставен. Најверојатно се состоел од поединечни зборови што означувале предмети, дејства или настани во околината. Сепак, дури и таков основен систем на комуникации можел да има големо значење.

Тој им овозможил на тие рани луѓе да:

– планираат лов;

– организираат движење и истражување;

– споделуваат знаење во групата.

Благодарение на овие способности, Homo erectus на крајот станал првиот човечки вид што ја напуштил Африка и почнал да се шири низ целиот свет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот