ВИДЕО | Пандов: Затворскиот систем е гнил, со електронски алки може да се реши пренатрупаноста

Александар Пандов, директор на Управата за извршување на санкции / Фото: - Слободен печат - Методи Здравев

Каде и да „буцнете“ во затворскиот систем е „труло“, вели директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов во интервју за „Слободен печат“ и додава дека негов прв приоритет откако е именуван од владата била безбедноста во затворите затоа што била нарушена.

– Ако вие се доведете во ситуација затворската полиција да се плаши од затвореникот да влезе во неговата ќелија, ако затворениците се чувствуваат посилни од системот, во таква ситуација ние сме пред распад. Тоа ми беше приоритет, а го правам и ова. Се советувам со професорки од оваа област да направиме измени во Законот за извршување на санкции. Сега може, ама не мора, ако му се понуди на некој затвореник да биде работно ангажиран, да каже: мене ми е океј тука, си лежам, си јадам, не сакам да бидам работно ангажиран. Кој не сака да биде работно ангажиран, ќе ги изгуби погодностите, да нема викенд, одмор, тоа е казна за нив и тие работи ќе бидат во идните измени на Законот за извршување на санкции. Сега се испитуваат модалитетите, може да има и стимулирање како што постои во некои европски земји – рече Пандов.

Пробациските мерки може значително да влијаат на намалување на затворската популација и да го решат проблемот со пренатрупаноста која се провлекува низ годините, посебно што во последните години не се градат нови затворски капацитети, а стагнираше и реконструкцијата на постојните затвори во кои според оценките на меѓународните и на домашните организации условите се под човековото достоинство, нема кревети, ниту хигиена и адекватна задравствена заштита за осудените лица.

– Овој период затворските алки за надзор кои ги имаме добиено од 2015 година ако не ги ставиме во функција до крајот на годината 633.000 евра треба да им платиме на нашите донатори како пенали. Ќе бидат ставени, тендерската документација досега е завршена и јас сум оптимист дека до крајот на годината, евентуално првата, втората недела од новата година тие ќе бидат ставени во функција. Ќе ги посетам сите судови во Македонија да ги стимулираме, охрабриме судовите да изрекуваат пробациски мерки. Зашто има разлика во пресудите во Скопје и во другите градови. Дури може доколку затвореникот отслужи поголем дел од казната, да биде пуштен со алка. Јас сум оптимист дека ќе ја заживееме пробацијата и ќе бидеме пример во Европа и во регионот. Најдобар пример сега е Србија и таму се отидени многу напред со алките, но јас се надевам дека кога ќе дојдат и кога ќе ги оспособиме алките и во иднина што повеќе да ги употребуваме и со тоа многу и ќе заштедиме и ќе се реши пренатрупаноста – вели Пандов.

Сепак останува на судиите повеќе да изрекуваат алтернативни мерки како што се условна осуда со заштитен надзор, општокорисна работа и куќен затвор со што, според Пандов, може значително да се заштедат буџетски средства.

– Просечно еден затвореник нас како држава  нè чини 30 или 35 евра дневно зависно од затворот, односно 2.000 денари и ако се помножи со 365 дена во годината, доаѓаме над 10.000 евра дека не чини еден затвореник. Ние со 10 затвореници ќе заштедиме над 100.000 евра, да има само 10 алки низ текот на годината. Верувам дека ќе имаме поголем број на такви затвореници и треба да ги охрабриме и едуцираме судиите бидејќи тие ги изрекуваат тие мерки – дециден е Пандов.

На прашањето дали се вратија во затворските келии осудениците за упадот во Собранието од „27 април“, кои со негов потпис на почетокот на мандатот добија условен прекин поради лекување, Пандов вели дека дел се вратиле, а другите добиле од судот условен прекин.

– Најголем дел се вратија во затвор. Ако осудено лице поднесе документ дека има закажано хируршки зафат кај некој специјалист и ако не се направи е животозагрижувачки, јас на тоа осудено лице му давам прекин од 10 ,20, 30 дена и не се само овие од „27 април“. Тие во најголем дел се вратени. Но не се само тие, јас морам да потенцирам дека половина, можеби и повеќе од половина, во меѓувреме, после тој прекин имаат добиено судски прекини затоа што со истата таа документација одат во судовите и не мал дел од нив имаат добиено по нови 30, 60, 90 дена прекини од судот. Дел се сега во македонските затвори. Но нема ниту еден да излегол, а да е сега во бегство – рече Пандов.

Целото интервју со Александар Пандов, директор на Управата за извршување на санкциите погледнете го во утрешното издание на емисијата „Слободен печат“.

 

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот