ВИДЕО | Објавен трејлерот за „John Wick 4“: Кијану Ривс повторно во улогата на професионален убиец

Фото: Инстаграм/„John Wick“

Џон Вик се враќа на големото платно. Штотуку објавениот трејлер за четвртиот дел од сагата за овој акционен херој најавува уште многу пукања, бркотници, завери и, се разбира, неодоливата митологија поврзана со овој лик и неговиот филмски универзум.

Во новиот трејлер, откриваме дека Џон Вик, кој повторно го толкува Кијану Ривс, мора да го предизвика новиот негативец Маркиз де Грамонт (Бил Скарсгард) во борба еден на еден, за да ја добие својата слобода. Тој се подготвува за пресметката како да е неговата последна борба, заедно со сосема нов костум, но и со оружје. Потоа можеме да видиме дека Вик сè уште го прави она што го прави најдобро: убива луѓе на сè пооригинални начини. Тој јава коњ во пустината додека пука во луѓе, постојано удира човек по глава со нунцети, напаѓа човек со секира во ноќен клуб и се впушта во тесна борба со пиштол и меч со ликот кој го игра Дони Јен.


Покрај Ривс, во филмот „John Wick: Chapter 4“ играат и Бил Скарсгард, Дони Јен, Лоренс Фишбурн, Ленс Редик, Рина Савајама, Шамиер Андерсон, Хиројуки Санада, Скот Адкинс и Кленси Браун. Иан Мекшејн повторно го толкува Винстон, менаџерот на хотелот „Континентал“, околу кого се врти голем дел од филмскиот серијал.

Ривс соработуваше со режисерот Чад Стахелски на франшизата „John Wick“ од излегувањето на првиот филм во 2014 година. Тој последен пат се појави како познатиот убиец во „John Wick: Chapter 3 – Parabellum“ од 2019 година и е во преговори да ја репризира улогата во спинофот за „Balerina“ со Ана де Армас во главната улога.

Стахелски изјави за „Варијети“ во август дека четвртиот дел од Џон Вик ќе навлезе подлабоко во митологијата што стои зад хотелот „Континентал“.

„Сакам добар мит“, објаснил Стахелски за „Варијети“ и додал: „Јас не верувам баш – барем за филмовите од серијалот Џон Вик – во класичната структура на сценарио во три чина. Верувам во раскажување приказни што ја следат сопствената логика. Знаете, отсекогаш сме го гледале Џон Вик како Одисеј. Затоа одвојуваме време што ни е потребно да ја раскажеме оваа приказна. Сѐ додека публиката не заспие во текот на проекцијата, ќе продолжиме да работиме во ист стил“.

„John Wick: Chapter 4“  пристигнува во киносалите на 24 март 2023 година.

Кијану со нова улога во адаптација на бестселерот „Ѓаволот во белиот град“: Ривс, Дикаприо и Скорсезе како продуценти

ФОТО | Секогаш свој, непроменет од славата: Кијану Ривс се прошета со шноли на главата низ Берлин

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот