ВИДЕО | Обилни дождови и поплави во Њујорк, прогласена е вонредна состојба

Вонредна состојба е прогласена во Њујорк поради обилните дождови и поплави. Според Си-Ен-Ен, тоа се остатоците од ураганот Ида, поради што спасувачите имаат полни раце работа во градот.

Во Њујорк е на сила забрана за патување, возилата што не припраѓаат на службите не смеат да бидат на пат и речиси сите градски линии на метрото се прекинати.

„Вечерва сме сведоци на историско невреме со рекорден дожд, големи поплави и опасни услови на патиштата“, напиша градоначалникот на Њујорк, Бил Де Бласио на Твитер.

– Ни претстојат тешки неколку часа. Никогаш не сум видел толку многу дожд да паѓа за толку кратко време, додаде тој.

Градоначалникот на Њујорк ги повика луѓето да не излегуваат.

„Ве молиме, останете дома вечерва и оставете ги нашите служби за итни случаи да ја завршат својата работа. Ако размислувате да излезете, немојте, останете дома “, напиша тој на Твитер.

„Никој не очекуваше толку многу дожд. Целиот регион е во многу тешка ситуација”, изјави гувернерката на Њујорк, Кети Хохул за Си -Ен -Ен.

„Можеме да ги преземеме сите мерки на претпазливост, но мајката природа ќе направи што сака и таа е навистина лута вечерва“, додаде таа.

Ги спасуваат луѓето од вода

„Има премногу извештаи за спасување од вода и заглавени возачи, не возете по поплавени патишта, не знаете колку е длабока водата и тоа е премногу опасно“, соопшти метеоролошката служба.

Пожарникарите соопштија дека ги спасуваат луѓето од поплавените патишта и метрото.

Во средата вечерта, Националната метеоролошка служба прогласи најмалку пет итни случаи поради поплави во областа западно од Филаделфија до северот на Њу Џерси.

Претходно ноќта, гувернерот на Њу Џерси, Фил Марфи, исто така, прогласи вонредна состојба поради Ида.

Штетата предизвикана од бурата Ида ги запрепасти службениците, три дена откако силен ураган ја погоди јужна Луизијана.

Торнадото предизвикано од бурата опустоши делови од Пенсилванија и Њу Џерси, покажаа снимките на социјалните мрежи. Најмалку девет домови се уништени во Мулика Хил, објави телевизиската станица Филаделфија NBC10.

Аеродромот Њуарк Либерти во Њу Џерси објави на Твитер дека доживува „сериозни поплави“. Во соопштението се додава дека „ограничените летови“ продолжија околу полноќ, откако сите беа прекинати доцна во средата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот