ВИДЕО: „Не отворам врата“ повика на бојкот на пописот и побара експертска влада
Граѓанската иницијатива „Не отворам врата“ денеска повика на бојкот на претстојниот попис на населението и побара да се формира експертска влада составена од академиците на МАНУ.
Според членовите на иницијативата, епидемиолошките услови не дозволуваат безбеден попис, а за нив е спорна и методологијата според која ќе се одвива статистичката операција.
„Нашите барања се непроменети: прво, стабилна епидемиолошка ситуација, второ, попис со изменета методологија, усогласен со европските стандарди и обработка на податоците со македонски софтвер од македонска фирма и трето, спроведување кредибилни локални и парламентарни избори во безбедни епидемиолошки услови“, изјави Марјан Камиловски, координатор на иницијативата.
Премиерот Зоран Заев денеска најави дека ќе има можност да се испратат вакцинирани попишувачи кај оние граѓани кои ќе одбијат во нивните домови да влезат попишувачи кои не се имунизирани.
Пописот на населението треба да започне во недела, на 5 септември.