ВИДЕО | На врвот на кариерата замина од Македонија и нѐ остави без „Зборови“ – Маја Вукичевиќ денеска полни 52 години
Македонската пејачка Маја Вукичевиќ е родена на денешен ден во 1974 година. Кариерата ја започнала како ТВ презентер и новинар, а благодарение на нејзината мајка Милка, која била оперска пејачка, одлучила да заплива во музичките води.
Препорачано
Прв пат застана на музичката сцена во 1997 година, на фестивалот Охридски трубадури каде ја исполни композицијата „Единствен“ на Кире Костов и Огнен Неделковски, за чија интерпретација доби награда.
По овој настап Маја настапила и на фестивалите „Еврофест ’97“ и „Скопје ’98“. На „Скопскиот фестивал“ настапи со песната „Број до десет“ на Стево Чрчев и Александар Митевски, за која аранжманот го напиша Раде Радивојевиќ.
Во текот на 1998 година Маја почна да соработува со тандемот Дарко Димитров и Александар Ристовски – Принц, а со песната „Остави ме“ успеа да се издигне над просекот и почна високо да котира на македонските топ листи. На штипскиот музички фестивал „Макфест ’98“ настапила со техно-темата „Слепец“.
Во 1999 година Вукичевиќ го смени својот имиџ. За темата „Јас“ со помош на белградскиот режисер Дејан Милиќевиќ реализира ефектен видеоспот, а интерсно видео сними и за својата следна композиција за темата „Признавам“ (од Макфест ’99) на Кристијан Габровски.
И покрај успешната кариера, поради приватните обврски Маја Вукичевиќ едно време апстинираше од музичката сцена, а ништо не се случи ниту со нејзината соработка со водачот на Архангел – Ристо Вртев, која беше помпезно најавувана, а требаше да резултира со албум.
Повторното враќање на музичката сцена го имаше на „Макфест 2002“, каде настапи со песната „Зборови“ на Кристијан Габроски и имашр забележителен настап. Успехот на оваа композиција ја иницираше повторната соработка на Маја Вукичевиќ со Кристијан Габроски, а веднаш по „Макфест 2002“, во неговото студио, Маја ги сними песни кои требаше да се најдат на нејзиното деби-цеде „Зборови“.
И покрај успешната кариера, Маја одлучи целосно да се повлече од јавниот живот, па во 2019 година ги спакува куферите и замина во Австралија поради својата голема љубов.
Вукичевиќ го има синот Горзад кој го роди на 20 години, а од пред некоја година, по диполомирањето и тој замина кај неа во Австралија.


