ВИДЕО | Маричиќ: ДИК ќе ја продолжи традицијата на фер и демократски избори
Државната изборна комисија (ДИК) во изминатите десетина години успешно ја извршувала својата задача, а отсуството на изборни проблеми во последните изборни циклуси покажува дека се гради стабилна и позитивна изборна традиција, изјави новиот претседател на ДИК, Бојан Маричиќ.
Препорачано

Маричиќ денеска, заедно со останатите членови на Комисијата, даде свечена изјава пред претседателот на Собранието, Африм Гаши. Тој нагласи дека функцијата носи сериозна одговорност и доверба која членовите на ДИК имаат обврска да ја оправдаат.
Во однос на актуелните измени на Изборниот законик, Маричиќ информираше дека ДИК внимателно ќе го следи процесот и дека Комисијата е поканета да учествува во работната група за подготовка на новите законски решенија.
– Ќе дадеме максимален придонес новиот изборен законик да биде квалитетен и применлив во пракса. ДИК може значително да помогне во овој процес – истакна Маричиќ.
Новиот состав на ДИК, кој вчера беше изгласан во Собранието, го сочинуваат Бојан Маричиќ како претседател, Абдуш Демири како потпретседател и членовите Александар Даштевски, Ангелчо Ристов, Светлана Карапетрова, Борис Кондарко и Дитмире Шеху.

Државната изборна комисија брои седум члена – претседател, потпретседател и пет членови, кои мора да бидат државјани на Македонија, дипломирани правници со најмалку осум години работно искуство и без партиска функција.


