Санти Казорла/Malaga CF

ВИДЕО | Легендарниот Санти Казорла по две децении стави крај на кариерата

Поранешниот шпански репрезентативец и екс-фудбалер на Арсенал, Санти Казорла, на 41-годишна возраст официјално се прости од професионалниот фудбал, ставајќи крај на кариера која траеше повеќе од 20 години и беше исполнета со бројни успеси.

Последниот настап Казорла го имаше во дресот на Реал Овиедо, клубот од неговата родна Астурија, на кој му помогна повторно да се врати во Ла Лига во 2025 година.

„Сега, кога се приближувам кон крајот, додека ги подготвувам копачките да ги оставам настрана, а бучавата ја заменува тишината, сè добива смисла, бидејќи овој крај не се случува било каде, туку дома“, порача Казорла.

Фудбалскиот пат го започна во младинската школа на Виљареал, а во текот на кариерата настапуваше и за Рекреативо, Малага, Арсенал, Ал Сад и Реал Овиедо. Најголем белег остави во дресот на Арсенал, каде што пристигна во 2012 година и освои два трофеи во ФА Купот.

Со репрезентацијата на Шпанија двапати се искачи на европскиот трон, освојувајќи ги Европските првенства во 2008 и 2012 година. Поради тешка повреда не беше дел од генерацијата што ја освои светската титула во 2010 година.

По шест сезони во Лондон се врати во Виљареал, а потоа кариерата ја продолжи во катарски Ал Сад. Во 2023 година повторно го облече дресот на Реал Овиедо, каде што ја заврши својата богата фудбалска приказна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот